Премиерот на Ирска, неочекувано се повлече од функцијата


Ирскиот премиер Лео Варадкар се повлече од функцијата, објави денеска ирската државна телевизија RTE.

Лео Варадкар во средата изјави дека ќе се повлече од функцијата премиер на Ирска и лидер на владејачката партија Фин Гаел, во изненадувачки потег за кој рече дека е и од лични и од политички причини.

„Јас поднесувам оставка од функцијата претседател и лидер на Фин Гаел, која стапува на сила денес и ќе поднесам оставка како премиер веднаш штом мојот наследник ќе може да ја преземе таа функција“, им рече Варадкар на новинарите собрани пред владините згради во Даблин.

Заминувањето на Варадкар како шеф на трипартиската коалиција не предизвикува автоматски општи избори.

Тој рече дека побарал нов лидер на партијата да се избере на 6 април, со што ќе се овозможи избор на нов премиер по велигденската пауза на парламентот.

Додека ја објавуваше својата оставка Варадкар звучеше емотивно и рече дека е вистинско време тој да се повлече и дека нема „вистинска причина“ зад неговата одлука.