Премиерот на Црна Гора им ја даде Улцињска плажа на Емиратите. Кој дел од Охрид го понудил Мицкоски?
Владата ѝ ја отстапи Големата плажа на 99 години на фирмата на бизнисменот Мохамед Алабар, која го градеше контроверзниот проект „Белград на вода“

Дваесетина дена пред Христијан Мицкоски со министерска свита да замине во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), во Абу Даби и Дубаи со исто таква министерска свита беше премиерот на Црна Гора, Милојко Спаиќ. И тој беше таму во потрага на инвеститори од Емиратите за неговата земја во туризмот, економијата и инфраструктурата. И од таму се врати со договор кој ја крена на нозе барем половина Црна Гора. Особено граѓаните на Улцињ.
Мицкоски во изјавите од Абу Даби и Дубаи ја претставуваше посетата како настан каков што никогаш досега не се случил на такво ниво. Да, можеби не со толкава министерска свита. Но точно пред две години, во март 2023, во Абу Даби и на разговори со претседателот на Емиратите, Мохамед бин Заед ал Нахјан, беше тогашниот претседател Стево Пендаровски. Двајцата шефови на државата тогаш разговараа за поголемо учество на Емиратите во трговија, инвестициите и економијата.
Мицкоски изјави дека им понудиле неколку локации на арапските бизнисмени за инвестиции на Охридското Езеро, но при тоа размислувале да не се наштети на обврските од УНЕСКО. Премиерот не кажа кои се тие локации – дали се тоа можеби оние што му се нудеа на Субрата Рој за изградба на коцкарско-туристички „рај“ во близината на Свети Наум.
За Црна Гора се знае многу повеќе и инвестициите од Емиратите одат на брза лента, па договорите дури поминаа низ парламентот. Целта на продажбата е драгиот камен на црногорскиот јадрански брег – прочуената Улцињска плажа, единствена од таков вид на Јадранот. Таа е официјално позната како Голема плажа, долга е 13 километри и просечно широка 60 метри. Оддалечена е пет километри од Улцињ, најјужниот град на црногорскиот брег, кој е близу границата со Албанија. Плажата и нејзината околина зафаќаат 20 милиони метри квадратни.
Како и Мицкоски, така и Спаиќ, клучните разговори ги имаше со Мохамед Алабар, основач и извршен директор на „Игл хилс“, компанија што развива недвижнини и која инвестираше во контроверзниот проект „Белград на вода“ во Србија. Мицкоски ја понудил за инвестиции и Попова Шапка.
Милојко Спаиќ беше два пати во Емиратите во рок од еден месец и пол за да го подготви договорот за Големата плажа. Првиот пат во средината на февруари потпиша меморандум за разбирање.
Неколку дена пред потпишувањето, Спајиќ изјави дека Црна Гора не смее да пропушти 30 милијарди евра, кои бизнисменот Мохамед Алабар е подготвен да ги инвестира во проектот за Големата плажа.
Според тоа сценарио, Црна Гора би ја изнајмила Големата плажа на 99 години на компанијата на Алабар „Емар“, која би изградила мегатуристички комплекс. Освен во „Белград на вода“ Алабар учествуваше во регионални проекти во Хрватска и Албанија.
Мрежата за афирмација на невладиниот сектор (МАНС) објави дека договорот со ОАЕ суспендира дел од црногорските закони, ги заобиколува тендерските процедури и „широко ја отвора вратата за перење пари“.
Спаиќ го искористи времето помеѓу двата потписи за да го презентира овој мегапроект пред пратениците во парламентот и властите на Улцињ.
Тој рече дека проектот би вклучувал изградба на туристички објекти, голем аеродром, најсовремена болница на Балканот, марина, два универзитета… И дека нема „нема ништо скриено“ во најавената инвестиција на Алабар. Дека ќе нема корупција и перење пари. Пратениците од Улцињ му велеа на Спаиќ да „размисли што нуди таму. Мислите дека пасеме трева“.
Спајиќ одговори: „Вие од локалните заедници внимавајте што правите и што зборувате. Ова не е мала политика, ова се големи приказни“.
И го бранеше проектот со зборовите: „Најважно е што за прв пат во историјата на ОАЕ, државата директно гарантира и стои зад еден проект. Со инвеститори како овој, нема да има кавги, нема да има корупција и проблеми од таков вид“.
МАНС објави дека текстот на договорот суспендира голем број црногорски закони и широко ја отвора вратата за перење пари и овозможува заобиколување на тендерите.
Оттаму оценија дека Спаиќ манипулира со информации за гаранциите: „Договорот предвидува дека владата на ОАЕ гарантира за инвеститорите што сама ги предлага, но во истиот член е наведено дека земјата не сноси никаква одговорност во случај тие да не ги исполнат своите обврски или да бидат вклучени во контроверзни или нелегални активности“.

Новинарите истражувачи од Белград и Подгорица велат дека најавената инвестиција од 30 милијарди во Улцињ е преголема. Па макар била вклучена и Големата плажа. Тоа се огромни пари. И Тие големи пари носат невидена можност за корупција и прашање е дали црногорското општество и независните институции се способни да следат толку големи и скапи проекти.
Достапните информации за проектот „Белград на вода“ укажуваат дека само српската страна ги исполнила обврските од тој „таканаречен договор “.
„Договорот никогаш не е виден и никогаш нема да биде виден. Прашањето е дали воопшто постои или е приватна зделка. Никогаш јавно не е кажано, обелоденето или откриено дали арапскиот инвеститор ги исполнил своите обврски. Според она што е достапно за јавноста, тој не го исполнил“, изјави новинарот Миша Бркиќ од Белград.
Против договорите беше и претседателот на државата, Јаков Милатовиќ, кој побара од пратениците да го одложат изјаснувањето додека не се добие ставот на Европската комисија за компатибилноста на овие договори со европското законодавство.
Во Улцињ најголемиот дел од граѓаните се против и, како што велат, премиерот Спаиќ им го предава најдрагоценото на бизнисмени од Емиратите како да е застапник на фирми. Протести се одржуваа два месеци, а најгласен беше поранешниот премиер и лидер на партијата УРА, Дритан Абазовиќ.
За да му обезбедат чувство на посебна важност, домаќините од Емиратите на премиерот Милојко Спаиќ за време на втората посета во март му го прикажаа црногорското знаме на фасадата на највисоката зграда во светот Бурџ ал Калифа. Од врвот до приземјето.
Пред пет дена парламентот на Црна Гора ги усвои двата договори со Обединетите Арапски Емирати, а премиерот Милојко Спајиќ вели дека ова е „мал чекор“, дека е дадена шанса за развој на земјата и дека сега имаат многу работа.
Тој рече дека новите инвестиции, таму каде што се пожелни, ќе обезбедат економски раст.
„Економскиот раст ќе придонесе за значително повисоки плати и подобри работни места за нашите потомци, како и за повисоки приходи за државата, што со тоа ќе го подобри здравството, образованието, патиштата, безбедноста…“, напиша Спаиќ на платформата Икс. За договорите гласаа пратениците на партијата на Спаиќ, како и просрпските партии. Тој самиот не беше во парлементот да ги брани договорите туку беше на пат во САД. Нив ги бранеше министерката за јавни работи, која дојде на таа функција седум дена претходно.
Договорите имаат предност пред домашните закони, што значи дека во случај на каков било спор, тие ќе бидат посилни од црногорското законодавство. Тие ги ослободуваат инвеститорите од ОАЕ од обврската да ги почитуваат домашните закони за јавни набавки и тендери, иако Уставот на Црна Гора гарантира слободен пазар и забрана за монополи.
Во Улцињ реагираа дека со ваквата одлука на парламентот градот е завиен во црно. И тоа на 99 години.