Премиерот Мицкоски најави нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните и намалување на цените на нафтените деривати


Премиерот Христијан Мицкоски денеска очекува да го добие извештајот од страна на институциите, кој треба да се анализира, а потоа од страна на Владата ќе се дадат конкретни мерки со кои ќе се заштити стандардот на граѓаните и да не зголемуваат цените на прехранбените производи.

– Очекувам да го добијам извештајот и да го анализираме овие денови многу внимателно и дури тогаш ќе излеземе со одредени мерки. Сакаме тие овој пат да бидат микротаргетирани. Но она што е важно е дека врз основа на нашите пресметки, не знам дали Регулаторната комисија за енергетика излезе со нивните пресметки, бензините 95 и 98 октански треба да поевтинат за еден и пол денар, додека, пак, дизелот треба да поевтини за два и пол денари по литар. Едните да бидат 82-84 денари, а дизелот да биде 95,5 денари, и на ова треба да се додадат и попустите што ги нуди ОКТА, два денара за литар за бензините и три денари за литар дизел горивата. Со тоа ќе бидеме држава со убедливо најниска цена на нафтата, нафтените деривати, односно на дизел горивото и бензините – рече Мицкоски. 

Тој истакна дека  од „СДСМ во земјата на лагите“ биле обвинувани дека многу доцнат со мерките. Но, потсети дека нашата земја беше единствената во која Владата го намали данокот на додадена вредност заедно со Шпанија.

 – Сега гледаме дека претседателката на Европската комисија тоа јавно го говори дека сите земји членки на Европската унија треба да ги намалуваат даноците на додадена вредност за дизел горивата и бензините затоа што екстремно се високи цените на овие производи. Така што, дури и овие параметри не им одговараат на СДСМ „во земјата на лагите“ – подвлече Мицкоски. 

Премиерот Мицкоски најави дека нема да ја води денешната седница на Владата, поради други обврски.