Премиерот Димитар Ковачевски во битолски „Лакталис“: Финансиска поддршка за нови инвестиции


Премиерот Димитар Ковачевски во Битола ја посети компанијата „Лакталис“, фирма со 180 вработени и со конкурентни плати, компанија од млечната индустрија која изминативе години работи по стандарди, инвестира во современа технологија, и успешно се профилира и на домашниот и на странскиот пазар.

Владата е партнер на компаниите и горди сме кога успеваме да придонесеме и да ги поддржиме во нивната цел, во новите инвестиции како и во зголемувањето на бројот на вработените, истакна премиерот Ковачевски по средбата со менаџментот и вработените во „Лакталис“.

-Непосредно комуницираме со компаниите, со коморите, за да се креираат правилни економски политики, бизнисот да има предвидлив деловен амбиент и да ги планира инвестициите на среден и на долг рок. Во оваа прилика им честитам на раководството на компанијата „Лакталис“ што влегоа во нови инвестициски циклуси и потпишаа два договори со поддршка на Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Првиот договор се однесува за период 2018-2019 за инвестиција во износ од 7 милиони денари, а државната помош е над еден милион денари. За вториот договор инвестицијата е за 2020-2024 година, во моментот инвестирани се 48 милиони денари, а исплатена е државна помош од 12 милиони денари. Работењето на компанијата „Лакталис“ од Битола е показател за успешноста на Планот за економски раст поставен во 2017 година, преку кој Владата е на вистинскиот пат да обезбеди економски раст и развој на нашата земја, истакна Ковачевски.

Како што е познато, Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За шест години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година, потсети премиерот Ковачевски.

-Целта е заедничка – развиено стопанство, повеќе нови работни места и инвестиции, а со тоа и повисок раст на економијата. Затоа, Владата од почетокот на енергетската криза, а претходно и за време на пандемијата, даде силен, навремен и прецизен фискален одговор, кој беше значаен за амортизирање на надворешните шокови. И покрај неколкуте кризи со кои се соочивме последните три години, успеавме да го преполовиме фискалниот дефицит, како преку рационализација на трошоците, така и преку подобрување на наплатата на приходите. За околу три и пол години, се донесени пакети антикризни мерки во вредност од над две милијарди евра. Ланскиот пакет антикризни мерки во висина од 760 милиони евра, беше оценет од Светска банка како најголем во регионот. Со сите мерки досега спасени се повеќе десетици илјади работни места, финансиски поддржавме ранливи категории граѓани, пензионери со ниски пензии, поддржавме плати за вработените, поддржавме занаетчии, самостојни уметници, радиодифузери, овозможивме поволни кредити за уметници, компании, овозможивме поволни кредити и за приватниот и за јавниот сектор, посочи Ковачевски.

Најновиот деветти пакет антикризни мерки е во вредност од 662 милиони евра, од кои 492 милиони евра се за поддршка на ликвидноста на компаниите, конкурентноста и инвестициите во обновливи извори, преку поволни кредити. Една од мерките се однесува на обезбедување финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците, а со мерката се опфатени над 70.000 компании. 

-Нашите компании, посебно компании како „Лакталис“ се моторот на економијата, и затоа мора да ги поддржуваме во нивниот развој  дома и надвор. Влезот во ЕУ ќе отвори можности за многукратно зголемување на нивните успеси. И затоа мора да се фокусираме тоа да им го обезбедиме што поскоро, изјави премиерот Ковачевски по посетата на битолската компанија „Лакталис“ во Битола.