Премиерката Брнабиќ го повика Ѓоковиќ да го објасни своето однесување

Ѓоковиќ треба да одговори на прашањата зошто ги кршел правилата за изолација, вели српската премиерка во интервју за Би- Би-Си


Ако имаш позитивен тест тогаш мора да си во изолација, вели Ана Брнабиќ

 

Српската премиерка Ана Брнабиќ го повика Новак Ѓоковиќ да го објасни своето однесување во Србија во декември, кога тврдеше дека е заразен со корона вирус.

„Ако Ѓоковиќ излегувал со знаење дека има позитивен ПЦР тест за корона вирус, тоа е јасно кршење на правилата во Србија“, рече Брнабиќ во интервју за Би-Би-Си.

Скандалот започна откако Ѓоковиќ можеше да добие медицинско ослободување од влез во австралиската држава Викторија затоа што беше позитивен на корона вирус во средината на декември.

„Во оваа ситуација се поставува прашањето за неговите јавни настапи во овој период. Документот доставен до судот покажува дека Ѓоковиќ направил позитивен тест на 16 декември. Само еден ден подоцна, на 17 декември, присуствувал на форум организиран за млади тенисери во Србија“, пишува весникот „Данас“.

„Ако имаш позитивен тест тогаш мора да си во изолација. Не знам точно кога ги добил резултатите, кога ги видел.Во секој случај има ‘сива зона’ во овој случај. Само Ѓоковиќ може да одговори на ова прашање“, рече Брнабиќ.

Според српските правила, секој што ќе биде позитивен на корона вирус мора да биде во изолација 14 дена, освен ако во овој период нема нов тест и тој е негативен.

Ана Брнабиќ, исто така, објасни дека не го прифаќа ставот на Ѓоковиќ за вакцинацијата, бидејќи тоа е единствениот начин за ефикасна борба против пандемијата.