Премиерите од регионот порачаа дека на Западен Балкан дуваат нови ветришта


Разочарување од одлуката на Европската унија во врска со (не)одржувањето на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија, но и пораки дека регионот на Западен Балкан дуваат нови ветришта во насока на меѓусебно поврзување и формирање заеднички пазар, превладуваа на вториот дел од денешната пленарна сесија „Ресетирање на синергијата на ЕУ-САД кон Западен Балкан“, на Преспа форумот за дијалог. На неа зборуваа премиерите Зоран Заев, Еди Рама, Ана Брнабиќ, Албин Курти како и претседателот на министерскиот совет на БиХ Зоран Тегелтија, министрите за надворешни работи на Полска Збигнев Рау и на Австрија Александер Шаленберг, како и Ерван Фуере и Мајлинда Брегу.

Заев нагласи дека колку што се посилни и постабилни трансатлантските врски, толку е посилен и попросперитетен балканскиот регион. Притоа, како што рече, од суштинско значење се заедничките напори на ЕУ и САД за Западен Балкан.

„Европската унија мора да ја редефинира својата улога, односно да се врати на своите корени, да се врати на Шуман и на Аденауер“, рече Заев. „Во духот на денешната тема и важноста на обновените трансатлантски вредности, би сакал да заклучам цитирајќи го претседателот Бајден кој вели ‘Америка се враќа назад’. Јас би додал – Западниот Балкан се враќа, а Европската унија би требало да се врати со цел заедно да се приближиме нанапред“, поентираше Заев.

Тој во неговото излагање зборуваше за успехот на Северна Македонија која стана полноправна членка на НАТО, но и за разочарувањето поради тоа што ЕУ не го исполни своето ветување во однос на почетокот на преговорите за пристапување.

„Како што вели албанскиот премиер и мој пријател Еди Рама, и јас велам Европската унија може да поставува датуми и крајни рокови, но ЕУ не може да ја определи нашата локација која е во срцето на Европа, ниту пак за нашата култура, односно нашиот идентитет, или за иднината на нашите народи како европски и како дел од европското семејство, со европски институционални и економски стандарди. Западниот Балкан е Европа“, рече Заев, додавајќи дека таквата одлука на ЕУ е голем неуспех на политиката на проширување на ЕУ и лоша порака за регионот.

Албанскиот премиер Еди Рама во свој препознатлив стил, зборуваше дека неговите чувства кон процесот на проширување се многу изменети, правејќи алузија на младоженец кој неколку пати се подготвува за гламурозна свадба, на која на крајот ја нема невестата.

„Не го чувствувам, како порано кога започна. Знаете, можете да организирате убава свадба еднаш, со тоа што ќе направите се да изгледа одлично, а невестата на крајот не се појавува. Тоа може да го направите два пати, впуштајќи се повторно во најубаво сценарио со најубави украси, музика, гости итн. И невестата повторно не дојде“, рече Рама, додавајќи дека тогаш едноставно повеќе не организирате свадба или ќе организирате кога ќе се појави невестата но во поопуштена атмосфера.

Тој посебен акцент стави на потребата земјите од регионот да го направат она што можат – да се поврзуваат меѓу себе со цел да им помогнат на своите граѓани и на стопанствата.

„Не станува збор да се ‘спакуваат’ Албанија, Северна Македонија и другите земји, да се стават на брод и да се истоварат во Европа. Станува збор за градење овде, на нашите држави, во нашите земји, кои што функционираат како секоја друга земја членка на ЕУ“, рече Рама, додавајќи дека прашањето дали тие бидат дел од ЕУ не зависи од нив и таквата одлука не е во нивни раце.

„Ние не сме тие што одлучуваат било што во врска со тоа“, рече Рама, нагласувајќи дека земјите од регионот сепак може да направат многу додека, како што рече „се одвива овој бурен втор том на Семјуел Бекет“, алудирајќи на неговата неодамнешна изјава дека пристапувањето во ЕУ е како позната драма „Чекајќи го Годо“.

„Ние можеме да соработуваме во регионот. Можеме заедно да притискаме за нештата да станат подобри за да се подобрат нашите економии и за создавање поголем простор за нашите млади луѓе, затоа што сами во регионот и останувајќи свртени со грб ние сме премали“, рече Рама.

Тој рече дека не не ништо ново ако се каже дека има проблеми во регионот и дека има конфликтни што треба да се разрешат. Но, како што нагласи, има многу нешта што земјите од регионот можат да ги направат заедно и на таков начин да придонесат за полесно решавање на постојните проблеми.

Тој влегувањето во Берлинскиот процес го опиша со „повикот на Папата на ЕУ“, ,како што ја нарече германската канцеларка Ангела Меркел, и со желбата на ваквата „аудиенција“, како големи верници во ЕУ, земјите од регионот да изградат заедничка иднина, а не за да спорат за минатото.

„Тоа беше пресврт и тоа доведе од нов развој на настаните“, рече Рама, додавајќи дека решавањето на проблемите во регионот се одговорност на лидерите од регионот.

„Ние направивме нешто навистина одлично со тоа што се собравме, а сега ни треба ветер во едрата. Но, нема преклопување меѓу станување членка на ЕУ и создавањето заеднички единствен пазар и на мини шенген зоната која ја именувавме така за да им ставиме до знаење во Брисел за што станува збор. Станува збор за простор во кој четирите слободи, четирите столба на Европа се целосно спроведени – за слободно движење на работна сила, стока, капитал и граѓани. И тоа не е алтернатива на европската интеграција“, рече Рама.

Рама се осврна и на консензуалното одлучување во рамките на Европската унија што доведе до блокада на европскиот пат за Северна Македонија и Албанија.

„Ако некој има против, никој не може да оди понатаму. Бугарија не сака, и цела Европа не оди напред“, рече тој. „Не би сакал да зборуваме дека сме фрустрирани. Не сме фрустрирани, не сме во депресија. Ние сме супер“, рече иронично Рама коментирајќи го одложувањето на почетокот на преговорите од страна на ЕУ. „Немаме потреба да се жалиме и да се молиме и да велиме видете ние сме добри момци. Но, ајдете ве молам, станува збор за прва меѓувладина конференција“, рече Рама.

Неговата српска колешка, Ана Брнабиќ, осврнувајќи се на регионалната соработка истакна дека земјите од Западен Балкан заедно направиле пресврт од од 360 степени, се појавуваат нови можности за соработка.

„Треба да продолжиме со активностите поврзани со европската интеграција, но треба повеќе да се концентираме на регионалната соработка, на работите што треба да ги направиме заедно за да го зголемиме квалитетот на животот на сите наши граѓани, рече Брнабиќ.

Таа нагласи дека во однос на европската инеграција, што и да направиме, на крајот одлуката останува на секоја земја-членка.

„Тоа е сложен процес и станува се покомплициран, како што видовме со примерот на Северна Македонија. Повеќе не се работи за европски вредности, за напредок во клучните области, сега се внесуваат билатерални прашања и тоа не билатерални во вообичаена смисла, туку прашања на јазик, толкување на лингвистика, историја. Тоа се работи за кои навистина не може да извршите никакво влијание, порача српската премиерка.

Брнабиж се осврна и на малцинските права и како што рече двојните стандарди, кои постојат во однос на нив меѓу земјите од Западен Балкан и државите-членки. Србија ја посочи како пример на државата кога станува збор за почитување на националните малцинства и ја означи како една од водечките земји во Европа, во која се почитуваат сите јазици.

„Но, држави членки на ЕУ не признаваат некои од националните малцинства, кои ги имаат во сопствената земја и сега тука се поставува прашањето кој е балансот. Се работи за различни стандарди кои мене не ми се јасни, додаде Брнабиќ.

Косовскиот премиер Албин Курти, пак изрази разочарување поради тоа што Северна Македонија и Албанија не добија зелено светло за почеток на преговори на јунскиот самит на Унијата, нагласувајќи дека како граѓани на земја на која им е ускратена визната либерализација, тие многу добро ја разбираат нашата разочараност.

„Но, не смееме да преземаме избрзани одлуки. Да, ЕУ е бавна, и недостига единство, но таа е нашата најдобра надеж и единствената алтернатива што ја имаме, не затоа што немаме избор, туку затоа што природно припаѓаме таму“, рече Курти.

Нагласи дека западнобалканската шесторка е дел од Европа, опкружена со земји-членки, државите од регионот, споделуваат заеднички вредности, имаат заедничка историја, војувале во исти војни, а нивните граѓани и стопанства се поврзани.

„Наместо да продолжиме да се чувствуваме фрустрирани од ЕУ, треба да се запрашаме каква иднина сакаме, што правиме ние за да стасаме таму. Самите ние сме далеку од совршени, ако погледнеме кон себе ќе сфатиме дека имаме многу проблеми“, порача косовскиот премиер.  (Н.В.)