Премиерите на Полска и на Данска го отворија гасоводот „Балтик пајп“


 

Премиерите на Полска и на Данска денеска во Голењов, северозападно од Полска, во присуство на полскиот претседател, свечено го отворија новиот гасовод поставен на дното на Балтичкото Море.

Новиот гасовод „Балтик Пајп“ ги поврзува Полска и Данска и понатаму Норвешка, како стратешки проект што го ослободува тој дел од Европа од зависноста од испораките на руски гас.

„Денес можеме со потполно убедување да кажеме дека ерата на руска доминација во испораката на гас, ера обележана со уцени и закани, е при крај. Почнува нова ера на суверенитет и безбедност во поширока смисла“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки на отворањето.

Тој потсети колку пати неговата земја ги предупреди сојузниците за безбедносните ризици од зависноста од рускиот гас.

„Денес можеме да видиме колку беше опасна соработката меѓу Русија и Германија во областа на испораката на гас. Гасоводот ’Северен ток’ е гасовод низ кој тече украинска крв. Балтичкиот гасовод е спротивно од она што им служеше на интересите на Путин, односно гасоводите ’Северен ток еден и два’“, рече Моравјецки.

Данската премиерка Мете Фредериксен го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека преку енергенсите се обидува да ја дестабилизира Европа.

„Претседателот Путин предизвика енергетска криза во Европа. Населението во Европа веќе страда како што наближува зимата, тоа е предизвик и за нашата индустрија. Путин ги користи енергенсите за да ја дестабилизира Европа. Тоа не можеме да го дозволиме. Треба да и помогнеме на Украина, да воведеме санкции кон Русија и да се ослободиме од увозот на руски гас“, рече данската премиерка.

Гасоводот од Норвешка преку Данска до Полска долг 900 километри, во целата траса ќе биде пуштен во употреба на 1 октомври, во првите три месеци со само 30 отсто од капацитетот што вообичаено изнесува десет милијарди кубни метри гас годишно.

Трошоците за оваа стратешка инвестиција се зголемија од првичните 1,6 милијарди евра на околу две милијарди, а проектот е кофинансиран и од ЕУ со 250 милиони евра.

За Полска, која во последните години троши околу 20 милијарди кубни метри гас од кои десет милијарди годишно увезувани од Русија, новиот гасовод од Норвешка значи дека, доколку го искористи целиот капацитет, може целосно да го замени рускиот гас.

„Во моментов немаме официјална информација дека е купен гас за полн капацитет или барем за 80 до 90 проценти. Но, можеме да кажеме дека приближно половина од капацитетот сигурно ќе биде исполнет. Нашата компанија ’ПГНиГ’ има наоѓалишта во Норвешка од каде сигурно ќе има гас, а има и десетгодишен договор со норвешката компанија Еквинор“, изјави експертот Данијел Чижевски за полската приватна телевизија „ТВН24“.

Претходно министерката за клима и животна средина Ана Москва рече дека „Балтик пајп“ ќе има клучна улога во напуштањето на зависноста од испораките на гас од Исток.

„Гасоводот обезбедува пристап до стабилни извори на снабдување со гас. Веќе првите испораки во наредните недели ќе претставуваат суштинско зајакнување на енергетската безбедност на Полска“, изјави таа.

Полска води разговори со Чешката Република и другите централноевропски земји за проекти што ќе им овозможат да го користат „Балтик пајп“ за транспорт на гас, чии оператори се данскиот „Енерџинет“ и полскиот „Гас-Систем“.

„Гасот од ’Балтик пајп’ не мора да завршува само во Полска. Со оглед на тешката ситуација на енергетскиот пазар, можеме да го испратиме понатаму каде што ќе биде потребно. Кога ја почнавме таа инвестиција, никој не очекуваше дека Русија ќе ја затвори славината за гас“, изјави денеска полскиот претседател Анджеј Дуда.