Премиерата на „Сексот и градот“ се наближува – пријателството е најважно


Лос Анџелес- Во април, HBO објави тизер за втората сезона од новото поглавје на култната серија „Сексот и градот“, давајќи мал поглед на новиот заплет и ликовите кои повторно ќе ги красат нашите мали екрани. „Без разлика што ви носи животот, секогаш можете да сметате на вашите најблиски пријатели да бидат тука за вас“, вели Кери во својот монолог на почетокот на трејлерот.

Тоа беше основната премиса на серијата уште од деновите на оригиналниот „Сексот и градот“, но тие врски дефинитивно ќе бидат ставени на тест со оглед на тоа што животот го подготвува за нашите главни ликови.

Сара Џесика Паркер, Синтија Никсон и Кристин Дејвис ќе се вратат во главните улоги во претстојната сезона, но сите кои се уште го чекаат враќањето на актерката Ким Катрал и саканата Саманта повторно ќе бидат разочарани. Шансите таа да се приклучи на актерската екипа речиси и да нема, но можеме да очекуваме враќање на Сара Рамирез, Марио Кантоне, Сарита Чудхури, Никол Ари Паркер и Карен Питман. Секако, не знаеме колку ќе биде важна секоја улога, но веруваме дека Че Дијаз повторно ќе има поважна улога бидејќи Миранда во тизерот навести дека нивната врска станува посериозна.

Во новата сезона гледачите повторно ќе ја следат динамиката на семејството на Шарлот и Миранда. Дејвид Ајгенберг се враќа како Стив Брејди, Ниал Канингем како Брејди Хобс, Еван Хендлер како Хари Голденблат, Кети Анг како Лили и Алекса Свинтон како Рок.

Кендис Берген, наводно, повторно ќе ја глуми уредничката на Вог, Енид Фрик, а сите кои никогаш не зажалиле што Кери не завршила со Ејден, уште од јануари знаат дека Крег Бленкенхорн ќе се приклучи на актерската екипа. Сите, секако, се надеваат дека дуото ќе добие нова шанса за љубов.

Покрај познатите актери, во серијата ќе се појават и новинарката и активистка Глорија Стајнем и небинарниот музичар Сем Смит, иако се уште не се знае кои точно ќе бидат нивните улоги и како ќе се вклопат во приказната.

Втората сезона од серијата Max Original „And just like that…“ премиерно ќе биде прикажана на 22 јуни на стриминг платформата HBO Max, кога ќе бидат достапни првите две епизоди.