Премиера на „Златокоса“ на сцената на Театарот за деца и младинци


Премиерата на детската куклена претстава „Златокоса“, од Горјан Милошевски и Драган Довлев, по мотиви од бајката „Златокоса и трите мечки“, ќе биде изведена вечерва во 19 часот на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје.

Довлев, кој е и режисер на претставата, на вчерашната прес-конференција рече дека овој проект има четири општи цели, а првата е да се продуцира детска куклена претстава со домашна авторска екипа, составена од вработени луѓе во овој театар.

– Поставуваме детска куклена претстава во нашата богата историја, со која би покажале дека можеме со сопствени сили да направиме квалитетен и ценет производ – рече Довлев најавувајќи и гостувања со „Златокоса“ на фестивалите во регионот.

Тој најави дека на претставата ќе работат со две екипи за секој од актерите да има своја алтернација и притоа и двете екипи ќе бидат рамноправни креатори на аудиовизуелното искуство на публиката и затоа се, вели, еднакво важни. Патем, додаде дека цел е и да се направи мала, мобилна екипа.

– Во нашиот случај, четири актери. Очекуваниот ефект е полесната организација на евентуалните гостувања и лесната приспособливост на претставата за играње во разни неконвенционални простори. Покрај овие општи цели, главната цел на овој проект е публиката да се препознае во ликовите на Златокоса и нејзините родители. Доколку тоа се случи, очекуваме ефектот да биде желбата да се отстранат сопствените недостатоци и слабости. Како се стигнува до тоа, најдобро покажуваат ликовите на мечките – нагласи Довлев. 

Коавторот Горјан Милошевски рече дека потребни се љубезност, трпение, време за децата. 

Актерката Симона Спировска рече дека ова ѝ е прва главна улога, како и втора куклена претстава. Нејзиниот колега Бојан Кирковски, пак, зборуваше за тоа колку се важни куклените претстави, читањето пред спиење, одењето во парк.

По премиерата на „Златокоса“ вечерва, утревечер ќе биде одиграна и репризата во истиот термин од 19 часот.