Премиера на „Замисли нов свет“ во МНТ, инспирирана од творештвото на Горан Стефановски


На 16 и 17 декември на големата сцена на Македонскиот народен театар, од 20 часот ќе се одиграат две премиерни изведби на претставата „Замисли нов свет“, работена според мотиви од делата на Горан Стефановски.

Претставата обработува безвременски теми од нашата заедница, испреплетени една низ друга и раскажани преку добро познатите ликови од драмите на Стефановски. 

„Секогаш кога се подготвува претстава поврзана со ликот и делото на Горан, интересот е голем, бидејќи сите ние се пронаоѓаме во неговите дела, ги чувствуваме како блиски и безвременско релевантни. Воедно, би сакал да изразам благодарност до Македонски Телеком што иницираше и поддржа еден ваков театарски проект, и се надевам дека во иднина повеќе компании ќе го следат овој пример“, изјави Никола Кимовски, директор на МНТ.

Во „Замисли нов свет“ ќе се појават актери од различни генерации и секој од нив ќе толкува повеќе улоги одеднаш. Актерската екипа која ќе се појави на сцената на МНТ е составена од: Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Претставата е режирана од Нела Витошевиќ, по драматизација на Ана Ристоска-Трпеноска. Во креативниот дел се потпишуваат уште и композиторот Огнен Анастасовски, сценографот Костантин Трпеноски, костимографката Роза Трајчевска-Ристоска. 

Ова е шестиот проект по започнувањето на новата театарска сезона на Македонскиот народен театар, овојпат во продукција на „Сектор Филм“ и копродукција на Македонскиот народен театар, а како продуценти се потпишуваат Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.