Премиера на претставата „Лејди Магбет“


 Во Македонскиот народен театар денеска премиерно ќе биде изведено најновото кореографско остварување на Рисима Рисимкин и Скопје танцовиот театар, претставата „Леди Магбет“.

Музиката за претставата е на композиторот Тони Китановски, сценографијата е на Матеа Мијановиќ, а костимите се на Благој Мицевски.

Во насловната улога како Лејди Магбет настапува Анастасија Данчевска, а во улогата на Магбет – Дејан Битровски. Вештерката или алтер егото на Лејди Магбет е Бобан Русески, а алтер его на Магбет е Сара Цветковска. Во улогите на вештерки настапуваат и Моника Шолевска, Клара Христовска, Стефани Шааршмит, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова и Ангела Петревска од Катедрата за танц при Универзитетот „Гоце Делчев“. Асистент-репетитор на претставата е Адријана Данчевска.

„Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин се бави со психолошкиот профил на насловниот лик. Тоа е интимна историја, без наративна приказна, слики и скици за дилемите на постоењето.

Претставата е селектирана на престижниот „Шекспир фринге фестивал“ во италијанскиот град Верона, каде на 29 август годинава ќе ја има својата светска премиера во „Teatro Camploy“.

Рисима Рисимкин е кореографка и деканка на Филмската академија и Катедерата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.