Премиера на перформансот „Драга Републико“ во зградата на Централната пошта


Перформансот „Драга Републико“ премиерно ќе биде изведен вечер во 19.30 часот во зградата на Централната пошта во Скопје по што во 21:30 ќе следува концерт на Мухамед Ибраими. Проектот се реализира со поддршка на Владата, а во рамки на јубилејот 30 години независност.
 
„Драга Републико“ е перформанс есеј за објектот на Телекомуникацискиот центар во Скопје, кој е еден од најрепрезентативните модернистички објекти во земјава. Преку повеќемесечен истражувачки процес, перформансот оформи комплексен, интердисциплинарен и поетичен јазик кој се обидува да ги преиспита причините за товарот на денешницата и последиците од микро и макро скриените или видливи фашизми. Во основата е важноста на објектот, од поширока историска, општествено – политичка и уметничка перспектива, кој на симболичко ниво раскажува за постојаното присуство на кочничарите на нештата да го достигнат замислениот развој, се посочува во најавата за настанот.
 
Перформансот ќе биде одигран и во понеделник  (27 септември), во среда (29 септември),во четврток (30 септември) и во сабота на (2 октомври). Влезот е бесплатен, но поради пандемијата со Ковид-19 бројот на гледачи е ограничен на 60 и резервациите на билети може да се на направат на мејл адресата [email protected]
 

По перформансите „Оваа зграда зборува (на)вистина” (добитник на Златна трига на Прашкото Квадриенале) и „Универзална во пламен” авторите Филип Јовановски, Кристина Леловац и Ивана Васева овој пат во соработка со кореографката Викторија Илиоска, реализираат нов перформанс од трилогијата посветена на модернистички згради во Скопје.