Премиера на „Паника во хотел Палас“ во Струмичкиот театар
Во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица за задутре е закажана премиерата на комедијата „Паника во хотел Палас“ од англискиот комедиограф Реј Куни, во режија на Коле Ангеловски, кој го направи и преводот и адаптацијата.
Според режисерот, оваа комедија досега не е изведувана во македонските театри, а „Паника во хотел Палас“ не се разликува од другите комедии на Реј Куни, туку тоа е типична комедија на ситуации, со неочекувани пресврти, со убаво напишани карактери и многу духовити реплики.
-Во таа комедија на ситуации ние некако вметнавме и една комедија на една политичка сатира во денешно време. Дејството се случува денеска во Скопје, во хотел „Палас“ и има асоцијации на денешните актуелни политичко-социјални збиднувања, рече режисерот Ангеловски на денешната прес-конференција.
Актерот Бранко Бенинов, кој ја толкува главната улога, со оваа претстава одбележува 40 години работа во Струмичкиот театар.
-Знаеме дека е тешко некого да насмееш посебно во овие тешки временски (не)прилики, кога сите сме ставени во ситуација да размислуваме како општеството да тргне напред, но за жал многу тешко ни тргнува. Ние се потрудивме и ми се чини дека ќе успееме да разбудиме чувства на задоволство кај публиката, рече Бенинов.
Покрај него во претставата играат уште и Кољо Черкезов, Горан Ников, Игор Тодоров, Коста Ангов, Оливера Аризанова, Ванчо Василев, Анкица Бенинова и Јасмина Вучкова.
Вечерва ќе се одржи генерална проба на претставата со присуство на публика, а премиерни изведби освен в среда, ќе се одржат во четврток и петок.