Премиера на нашиот кандидат за Оскар „Сестри“ – од утре редовно во „Милениум“


Македонскиот кандидат за Оскар за 2022 година, филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума вечерва, 16 декември во киното „Милениум“ ќе ја има својата скопска премиера.

Заради ковид протоколите, премиерата ќе се одржи во два термина од 19 и 21 часот, а скопската публика филмот ќе може да го погледне веќе од 17 декември во вечерниот термин од 20 часот, како дел од редовниот репертоар на киното.

Се работи за копродукција меѓу Македонија, Косово и Црна Гора.

Сценариото за филмот е на режисерката Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите Роза Трајческа-Ристовска, шминката е на Жанета Димитриевска, а продуцентка е Марија Димитрова. Главните улоги во филмот ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро, а во другите улоги настапуваат Марија Јанчевска, Ханис Багашов, Емил Исаевски, Верица Недеска.

Одлуката првиот долгометражен филм на младата режисерка Дина Дума да биде кандидиран за престижната награда ја донесе Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“ при Друштвото на филмските работници на Македонија.

Светска премиера „Сестри“ имаше на 55. издание на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде ја освои специјалната награда од жирито (East of the West Special Jury Prize). Македонска премиера, пак, остварувањето имаше на отворањето на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, во септември годинава.