Премиера на „Идеален маж“ на Поповски во Загреб, сите изведби во јуни распродадени


Премиера на претставата „Идеален маж“ според Оскар Вајлд, во режија на македонскиот режисер Александар Поповски и со музика на композиторот Кирил Џајковски, денеска  ќе биде изведена на големата сцена на Хрватското народно казалиште (HNK) во Загреб.

Како што информираат организаторите, сите пет изведби на претставата во јуни се однапред распродадени, што, според нив, сведочи за силниот интерес на публиката за новиот заеднички проект на Поповски и Џајковски.

Премиерата претставува продолжение на долгогодишната и плодна соработка на двајцата македонски автори, кои повеќе од две децении реализирале над 20 театарски проекти на сцени низ регионот и Европа. Нивниот заеднички сценски израз е препознатлив по динамичната драматургија, современиот визуелен пристап и специфичната музичка атмосфера.

Во претставата „Идеален маж“, Поповски повторно се навраќа на темите за политичката моќ, моралот и општественото лицемерие, додека музиката на Џајковски дополнително ја нагласува современата димензија на делото.

Дел од креативниот тим е и македонската костимографка Миа Поповска, чиј авторски пристап придонесува за визуелниот идентитет на претставата.

Фактот што токму оваа продукција ја затвора драмската сезона на HNK, според оценките, претставува уште една потврда за меѓународниот углед и влијанието на македонските уметници во европскиот театарски простор.