Премала сцена, недостиг на кадар: Актерите од ТДМ бараат нов објект


Глумците од Театарот за деца и младинци бараат власта да ги слушне нивните барања и да им се овозможат достоинствени услови за работа.

Првиот и најголемиот проблем што го посочуваат е премалата сцена на која ако се постави сценографија и ако треба во исто време да застанат четири или пет актери нема да има место за движење.

Другиот проблем е што во овој театар нема техничка можност за да се направи креативна и модерна визуелизација, која би била попривлечна за децата кои се нивна главна публика.

Тие посочуваат дека се соочуваат и со недостиг на кадар како шминкери, фризери и перикери.

Во модерното време на денешницата, каде што секое дете има мобилен телефон, таблет и се повеќе се навлекуваат на технолошките иновации и изуми, тешко е да ги анимирате само со едно платно, кое најчесто го движат и менуваат самите актери што се на сцена.

И покрај проблемите со кои се соочуваат, тие успеваат секоја претстава да ја распродадат. Во текот на еден месец ретко која претстава се изведува по двапати бидејќи на репертоарот во моментов имаат над 20 активни претстави.

Велат дека секоја прес-конференција по повод нова претстава ја користат да испратат апел преку медиумите за властите да ги слушнат нивните барања.
Актерот Бојан Кирковски вели дека ограничениот простор им е еден од најголемите проблеми.

– Веќе гребеме со нокти по ѕидовите затоа што немаме можност да одиграме добри претстави на поголема сцена. Се снаоѓаме да направиме магија на оваа сцена на овие пет квадрати што ни припаѓаат. Продолжуваме да правиме магични претстави и излекуваме најмногу што можеме од тоа што ни е дадено – вели Кирковски.

Тој вели дека детската публика е најважната бидејќи преку нивните претстави се едуцираат и од мали стекнуваат навиката за посета на театар.

– Често слушаме дека нема доволно продажба на карти и нема доволно публика во поголемите театри, но претставите почнуваат од тука, од овој театар. Културата и љубовта кон претставите се учи од овој театар. Ако тука ние не им дадеме театарска магија на децата и ако не ги навлечеме од мали на театар, нема ниту кога ќе пораснат да ја имаат навиката да посетуваат театар или културни манифестации – вели Кирковски.

Актерот Мартин Јорданоски вели дека е жалосно што ниту една влада не сфаќа дека еден Театарот за деца и младинци треба да има фризер, шминкер и перикер.

– Во секоја претстава ние имаме фризура, шминка и перика. Не ми е јасно како не можат да сфатат дека нашата публика односно децата се учат од мали на една култура. Како нè оставаат да работиме во вакви услови, односно во една мала коцка која е импровизирана кафеана и е претворена во театар – вели Јорданоски.

Директорката на Театарот за деца и младинци, Катарина Илиевска-Силјановска, вели дека работата е мрдната од мртва точка и дека годинава добиле средства од Министерството за култура за да се изработи проектна документација за нов објект.

– Во оваа фаза треба да најдеме идејно решение и прецизна локација за нов објект. Сега сме во најпочетна фаза, но нашата желба почнува да се остварува, работите се мрднати од мртва точка – вели таа.
Пред неколку месеци нов објект за овој театар најави и заменик-министерот за култура Владимир Лазовски. Во моментов ова министерство е без прв човек откако Асаф Адеми си поднесе оставка од функцијата.

Ивана Настеска