Преку заштита на животната средина до грантови за „зелени“ технологии


По повод Денот на животната средина денеска во Скопје се одржува Саем за енергетска ефикасност, каде се презентираат различни солуции за воведување енергетска ефикасност во домовите.

На саемот, што се одржува на тема „Аерозагадувањето и мерки за зголемување на квалитетот на воздухот“, учесниците ги претставуваат своите современи решенија за енергетски ефикасна изолација на објектите, прозорци, сончеви колектори, осветлување, котли и фотоволтаични системи.

Игор Панчевски, технички експерт на ГЕФФ-програмата за Северна Македонија и Косово, наведе дека преку ГЕФФ-програмата граѓаните, со инвестирање во „зелени“ технологии, имаат можност да добијат грантови во висина од 20 отсто од износот на цената на производот.

Тој истакна дека, ГЕФФ-програмата, што финансира „зелени“ енергии, во Северна Македонија почнала да се имплементира во 2017 година, а ќе се спроведува во 2021 година.

Европската Унија, во рамки на проектот, за Северна Македонија има издвоено околу девет милиони евра, а како што наведе Панчевски, досега се доделени околу половина од средствата за грантови.

– Она што најмногу ги интересира граѓаните како инвестиција се некои стандардни мерки, изолацијата на  самите ѕидови, односно фасадата, промена на прозорци и врати, инсталација на печки на пелети, топлински пумпи за греење, сончеви колектори. Во принцип технологиите стануваат интересни во зависност и од временските прилики. Освен овие, програмата финансира 12 технологии, фотоволтаични панели за производство на електрична енергија, акумулациски болјери за топла вода, системи за вентилација, лед-осветлувањето и вентилација, посочи Панчевски.