Преку работилници младите ќе учат за климатски акции


Преку работилници, и средби со активисти учениците ќе имаат можност да научат повеќе за зачувување на природата и животната околина, а денеска, во Градскиот парк во Скопје се одржа интерактивна прошетка за климатска акција и едукација. 

МОН е посветено на подигнувањето на свеста на учениците за екологијата, па во рамки на реформата на образовниот систем, што е во тек, целта е да го подобрат квалитетот на образованието и во делот на разбирањето на климатските промени и одржливоста.

– Преку наставните и воннаставните активности, учениците стекнуваат и ги прошируваат знаењата за околината, за природните ресурси, за живеење во поврзаност со природата, за климатските промени и ефектите од нив – рече  министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на Интерактивната прошетка за климатска акција и едукација за животната средина во Градскиот парк во Скопје, на која учествуваа претставници на УНИЦЕФ, Амбасадата на Шведска и на Министерството за животна средина и просторно планирање.

– Многу ме радува што оваа пролет ја почнуваме со интерактивни работилници и средби со активисти, преку кои учениците ќе имаат единствена можност да ги прошират своите знаења за убавините и богатството на природата што ги опкружува, но и за потребата од нивна заштита – додаде Шаќири.

Грижата за животната средина, потенцираше министерот, се обработува како посебна тема во наставните програми и настојуваме во иднина тоа да не биде само преку предметот по природни науки, туку и по повеќе други предмети, а со цел учениците да развијат еколошки ставови, одговорност и свесност по однос на ова прашање.

– Училиштата често имплементираат еколошки практики, организираат настани за подигање на свеста за важноста на здравата животна средина и промовираат пријателско однесување на учениците кон природата. Вон наставните активности стануваат сè почести, па така преку излети и работилници во природа, учество во работа на еколошките клубови во училиштата, се доближува науката за животна средина до учениците од најрана возраст и тие развиваат капацитети за критичко размислување за живот во здрава околина и за климатските промени – рече Шаќири, додавајќи дека само со единство и заедничка акција можеме да создаваме нови и уште погрижливи генерации за околината во која живеат.