Преку јавен повик финансирано украсувањето на плоштадот во Скопје?


Фото: Б. Грданоски

Украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој беше објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици, соопштија од Град Скопје, по написите дека нетранспарентно е направено и онака штурото украсување на центарот на градот. 

Елка на покривот на ГТЦ (Фото: Б. Грданоски)

– Ова неколкупати досега е кажано, образложено во детали и транспарентно презентирано на јавноста. Оттука, секоја друга останата „вест“ е обид за манипулација, сензационализам и шпекулации – додаваат од таму, иако јавниот повик никој не може да го најде, а отсуствува и од ова соопштение. 

Елки на плоштад (Фото: Б. Грданоски)

Од Градот повторија дека „разликата сепак, помеѓу овогодинешното организирање на украсувањето на градот и претходните години е што сега имаме за 10 пати помали трошоци од она што било трошено изминатите две децении – разликата е и во тоа што оваа година парите за оваа намена не ги добила истата фирма која ги добивала досега. Фирма блиска до Шилегов која од бројни тендери испумпувала пари од градската каса. За ова, веќе се подготвени соодветни пријави. Жалиме што и покрај апелите за точно, балансирано и вистинито известување, дел од медиумите сѐ уште одработуваат политички агенди на заборавени „политичари“, повторно предупредуваат од Градот.

Новогодишен базар (Фото: Б. Грданоски)

Дел од медиумите денеска јавија дека обвинителството планира да оформи предмет за финансирањето на новогодишното украсување.

„Со оглед на изнесените наводи во конкретниот случај, Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки“, велат од обвинителството.