Прекршочни постапки за седум декани поради анкетните листови


Од вкупно 28 декани за кои Државната комисија за спречување на корупцијата започна постапка, 23 поднеле анкетни листови за имотната состојба, додека пет сè уште немаат поднесено. Од Антикорупциска подвлекуваат дека донеле заклучок да се поведе прекршочна постапка за декани на државните универзитети и тоа од (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и Универзитет „Мајка Тереза“-Скопје) кои немаат доставено анкетни листови.

„По прибавување на податоци и документација, утврдено е дека деканите Влатко Шешов, Роберта Апостоловска, Ратко Дуев, Зоран Ракиќевиќ и Драгана Кузмановска имаат доставено анкетни листови надвор од законски утврдениот рок, додека деканите Ќиро Ивановски и Кирил Сотировски воопшто немаат доставено анкетни листови. Државната комисија за спречување на корупцијата против сите седум наведени декани ќе ја продолжи прекршочната постапка. За останатите декани, по прибирање на потребните информации и документација, ДКСК ќе продолжи да постапува согласно своите надлежности“, посочуваат од Антикорупциската комисија.

Државната комисија за спречување на корупцијата покрена прекршочна постапка за ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, Азиз Положани, поради недоставување анкетен лист за имотната состојба. Согласно законот, тој бил должен да го направи тоа во рок од 30 дена по стапувањето на функцијата. Од Антикорупциска наведоа дека по објавување на веста во медиумите ректорот Положани доставил анкетен лист, уште на почетокот на минатиот месец, на 1 март.

Ректорот Азиз Положани вели дека не било намерно тоа што не доставил навреме анкетен лист до ДКСК.

„Точно е дека задоцнив со доставување на анкетниот лист за имотната состојба до Државната комисија за спречување на корупцијата. Мислев дека нема комисија. Мое мислење беше дека кога нема комисија, нема ни кој да го разгледа анкетниот лист. Кога ме посочија оттаму, јас веднаш доставив, преку весник се потсетив. Голем проблем на универзитетот е и тоа што ни фали повеќе кадар во администрацијата, кој ќе ни укаже на вакви работи. Некои пропусти се случуваат и поради тоа се надевам дека Комисијата ќе ги земе предвид околностите. Прекршочните постапки се предвидени процедури, а од Комисијата ќе си постапат како што е предвидено со законот“, ни рече Положани.

Во меѓувреме, се врши проверка за тоа дали имаат доставено анкетни листови и деканите на останатите државни универзитети (Државен универзитет во Тетово, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид и Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола). По прибирање на соодветната документација, ДКСК на седница ќе донесе соодветни заклучоци, односно ќе започне постапки.

Минатиот месец Државниот просветен инспекторат, во рамки на соработката со Антикорупциската комисија, започна со прибирање податоци од основните и средните училишта, како и од државните високообразовните установи. Податоците од образовните институции ќе се прибираат, посочија од Државниот просветен инспекторат за „Независен весник“, со цел да се изврши проверка дали имало вработувања од денот на распишување на изборите, односно од 8 февруари 2019 година па досега.

Проверката ќе опфати дали имало нови вработувања на определено и на неопределено време во училиштата или во високообразовните установи, вработувања за итни и неодложни работи, прераспоредување вработени од едно на друго работно место и дали биле започнати постапки за вработување и ставени во мирување од денот на распишување на изборите. Доколку се утврдат прекршувања на Изборниот законик, од Инспекторатот рекоа дека Државната изборна комисија ќе преземе понатамошни постапки.

„Податоците во зададен образец треба да бидат целосни и прецизни и за нив ќе се изврши дополнителен инспекциски надзор од страна на Државен просветен инспекторат. По завршување на надзорот, кој ќе ги опфати сите основни и средни училишта, како и државните високообразовни установи, наодите ќе бидат доставени до Државната комисија за спречување на корупцијата, која ќе преземе понатамошни постапки доколку се утврдат прекршувања на Изборниот законик“, велат од Државниот просветен инспекторат.

Од Инспекторатот не откриваат зошто со Антикорупциската комисија за спречување на корупцијата се решиле на ваков потег, да се „чешлаат“ училиштата и факултетите. Не откриваат дали имаат дојава дека имало вработувања во училиштата или на факултетите по распишување на изборите или само укажуваат дека ќе се изврши надзор.

Вероника Мароска-Леова