Прекројувањето на границите на Балканот води кон дестабилизација, иднината е во ЕУ и во приклучување кон Шенген зоната


Фото: Б. Грданоски

Секој обид за прекројување на границите ќе доведе до дестабилизација на Балканот, постои можност единствено за отстранување на границите и тоа преку членството во Европската Унија и влезот во Шенген зоната, порача вчера македонскиот државен врв во врска со наводниот нон-пејпер, кој словенечкиот премиер Јанез Јанша во февруари го испратил до Брисел и неколку дестинации во ЕУ, насловен како „Западен Балкан-патот напред.

Нон-пејперот предизвика контроверзи, поради тоа што во него се предлага менување на границите на Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, но и на Северна Македонија. Јанша од излегувањето на нон-пејперот во јавноста не даваше коментари, за потоа да демантира дека таков документ постои.

За нон-пејперот, кој го објави словенечкиот портал „Нецензурирано“, а потоа го пренесоа останатите медиуми вчера кај нас се огласија шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан  Мицкоски.

-Секое прекројување на границите на Балканот нема да придонесе за стабилизација на регионот и секоја таква идеја нема да наиде на поддршка од Европската Унија, порача вчера Пендаровски во интервју за „Трилинг“ на ТВ24, истакнувајќи дека независно од тоа дали постои таков документ или не, неговиот став е одамна познат.

– Единствениот пат кој води напред кон подобар живот и благосостојба на граѓаните и државата е преку исполнување на неопходните реформи, клучни за наше придружување во европското семејство, наведува Пендаровски.

Шефот на државата истакна дека никогаш не разговарал со претседателот на Словенија Борут Пахор за прекројување на границите на Балканот.

– На ниту една од средбите кои сум ги имал со претседателот на Словенија Борут Пахор во изминатиот период, не е разговарано за прекројување на внатрешните или надворешните граници на Балканот, дециден е претседател Стево Пендаровски.

Премиерот Заев вчера истакна дека Владата досега не добила таков нон-пејпер и немала можност да го види. Република Северна Македонија, рече Заев е суверена земја, а нејзиниот интегритет е загарантиран и со Уставот, но и со Договорот за членство во НАТО. Промена на границите на Балканот, дециден е Заев, е можна само во форма на нивно отстранување во момент кога балканските земји ќе станат земји членки на ЕУ.

– Република Северна Македонија е членка на НАТО, и нејзината стабилност, сигурност и територијален интегритет и суверенитет е загарантиран и со членот пет од Договорот за полноправно членство во Алијансата, покрај тоа што ние го гарантираме и со нашиот Устав. Истовремено како Влада веруваме во можноста за отстранување на границите единтвено при членување во Европската Унија, како земјите стануваат нејзини членки и ги исполнуваат условите од Шенген механизмот. Тоа значи границите се отвораат за да може сите да бидеме членки на европското семејство, како што нема граници меѓу Австрија и Германија, Австрија и Италија, Полска и Чешка, рече премиерот.

Мицкоски, пак, вчера во интервју за Канал 5 обелодени дека разговарал со Јанша и оти тој му пренел дека таков документ нема. Според Мицкоски Јанша му кажал дека Тања Фајон, Тонино Пицула и Зоран Заев креирале сличен таков нон пејпер кој што се шири по Европа и наведе дека можеби тој документ ќе им биде познат на граѓаните на Македонија во многу скоро време.

-А, господинот Јанша ја пренесува својата неизмерна поддршка кон македонскиот народ, граѓаните на Македонија, кон Македонија и единствено иднината на Македонија ја гледа во рамките на обединета Европа, рече Мицкоски, кој посочи дека не треба да се заборави дека токму тој за два месеци ќе претседава со ЕУ и ќе биде многу битен фактор.

Мицкоски нагласи дека иднината на Македонија не е во прекројување на границите, туку само во обединета Европа.

-Кабинетот на премиерот на Словенија нема да ја коментира темата за таканаречениот нон-пејпер за Западен Балкан, беше првичниот одговор на тимот на Јанша за потоа словенечкиот премиер да го демантира постоењето на нон-пејперот.

Претседателството на БиХ вчера соопшти дека членот на Претседателството Шефик Џаферовиќ телефонски разговарал со Јанша, кој го информирал дека не постои нон-пејпер што може да биде поврзан со словенечката Влада, а би вклучувал прекројување на границите или повреда на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

Јанша, кој, како што соопшти Претседателството на БиХ, го иницирал телефонскиот разговор, истакнал дека Словенија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како и нејзиниот евроатлантски пат, целосно почитувајќи го Дејтонскиот мировен договор.

Официјален коментар од ЕУ за нон пејперот се уште нема. И покрај неколкудневните инсистирања од новинарите во регионот и од ЕУ кај прес службата на претседателот на Европскиот Совет за наводниот нон-пејпер, во кој се планира поделба на Босна и Херцеговина и создавање голема Србија и голема Албанија, нема никаква реакција од Шарл Мишел.

– Позицијата на ЕУ е многу јасна и нема ништо што треба да се промени. Треба да работиме на регионална соработка и помирување. Тоа е идејата и логиката на пристапниот процес – обид да се решат сите прашања, така што процесот не оди во опасни области, придржувајќи се кон европските закони и принципи, изјави портпаролот на ЕК, Петер Стано, без да потврди дали во Брисел стигнал таков нон-пејпер од Љубљана.

Словенечки медиуми тврдат дека е можно документот да му бил предаден на Мишел за време на последната средба на Вишеградската група од страна на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, за кој, исто така, се шпекулира дека е замешан во овој наводен план.

Реакции, пак, пристигнаа од Германија и САД. Германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот вчера на Твитер напиша дека цртањето нови граници на Западен Балкан е опасен пат.

– Регионално помирување и соработка се клучни за мирот, демократијата и просперитетот. Цртањето нови граници е опасен пат, напишта Рот.

Тој со твитот го поддржа официјалниот став на Европска Унија за Западен Балкан дека треба да се работи на регионално помирување и соработка, а не на менување на границите.

САД, пак, завчера соопштија дека го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, чие почитување е регулирано со Дејтонскиот мировен договор.

Ова е пораката од американскиот Стејт департмент во писмениот одговор на барањето на Гласот на Америка да ги коментира извештаите на медиумите за наводниот нон-пејпер.

Портпаролот на Стејт департментот изјави дека САД длабоко го ценат долгогодишното партнерство со Босна и Херцеговина и остануваат посветени на заедничката цел за демократска, инклузивна и просперитетна БиХ на патот кон целосна евроатлантска интеграција.

-САД силно го поддржуваат патот кон членството во ЕУ на сите аспиранти од Западен Балкан, рече портпаролот на Стејт департментот, додавајќи дека САД веруваат дека иднината на Западен Балкан несомнено е во Европската Унија.

Нон-пејперот, наводно доставен до Брисел од Јанша, предвидува обединување на Косово и Албанија, припојување на делови од Република Српска кон Србија и на хрватските кантони во БиХ кон Хрватска, како начин за решавање на отворените прашања на Западен Балкан и забрзување на патот кон ЕУ и НАТО.