Прекинато денешното тргување на берзата во Загреб – Кробекс падна над 10 отсто


Хрватската агенција за супервизија на финансиските институции (ХАНФА) го стопираше денешното тргување на берзата во Загреб откако берзанскиот индекс Кробекс падна за повеќе од 10 проценти.

„Одлуката на за ХАНФА ќе биде објавена подоцна“, изјавија од берзата, пишува порталот СЕЕбиз.еу.

Претходно, тргувањето со акции на Загрепската берза беше прекинато заради екстремна нестабилност на пазарот, во согласност со Правилата на берзата, бидејќи вредноста на индексот Кробекс падна за повеќе од 10 отсто во 09:43 часот во однос на последната вредност од претходниот трговски ден.

За само 43 минути тргување, вкупниот промет изнесуваше околу 1,1 милиони евра. Најмногу паднаа цените на акциите на „Валамар ривиера“, за 14,2 проценти и достигнаа само 20,60 куни (1 евро е околу 7,5 куни), со промет од околу 185 илјади евра.

Акциите на „Хрватски Телеком“, исто така остварија промет од околу 185 илјади евра, а вредноста на овие акции се намали на 147,50 куни, што е намалување за 9 проценти.

Најголем губитник на самиот почеток на тргувањето беше „Оптима Телеком“, чии акции изгубија 17,4 проценти од вредноста и паднаа на 4,50 куни, при што со овие акции беше остварен промет од 83 илјади евра.