Маратонската собраниска седница за „Макпетрол“ заврши во 7 часот наутро


Утринава во 7 часот заврши една од најдолгите седници во историјата на Собранието на која се расправаше за предлогзаконот за решавање на спорот помеѓу Владата на Македонија и „Макпетрол“ АД по пат на спогодба, по скратена постапка. Сите пријавени 39 дискутанти од опозицијата завршија со своите расправи, но гласање околу точката немаше затоа што немаше ни доволен број пратеници во салата. Продолжувањето на седницата ќе биде дополнително закажано.

Ова законско решение предвидува да му се признае на „Макпетрол“ сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра и со тоа државата да ја има целата сопственост.

Јасно беше дека ноќта за пратениците ќе биде многу долга кога координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во 0,30 часот побара едночасовна пауза, а спикерот  Талат Џафери одговори дека со задоволство ја прифаќа. Во текот на расправата пратениците од опозицијата со говори, реплики и контрареплики се обидуваа да го спречат донесувањето на овој закон. Тие сметаат дека предложеното законско решение е еден од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото.

Според нив, не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее, нагласија, Собранието да прерасне во квази суд, бидејќи тоа е надлежно само за ратификации на договори. Повикувањето на акти од минатото од 1987 година кои можат да се искористат како искуство, е недозволиво, посочија пратениците од опозицијата, а институциите не треба да се затскриваат зад законот, туку да го решат спорот на начин каде и како што треба. Тие очекуваат претседателот Стево пендаровски да стави вето ако овој закон сепак биде изгласан.

Во вчерашната расправа, во реплика, министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека треба да се прави разлика помеѓу номиналната и актуелната вредност на секое АД и додаде дека во 2006 година кога била основано АД ГА-МА номиналната вредност била 1.500 денари за акција, а сега во моментов е 12.500 денари.

„Само гасоводот Клековце-Штип долг 61 километар чини 71 милион евра. Со изградбата на гасоводот како држава ќе добиеме поевтин енергенс и ќе се намали загадувањето на животната средина, а индустријата ќе стане поконкурентна на глобално ниво, рече Бектеши.

Пратениците од партијата на власт во дискусиите истакнаа дека проценката за вредноста на гасоводот е направена по сите стандарди од една домашна и една странска институција и е на 300 страници и оти покрај гасоводот во неа се ставени и други материјални добра и машини со што вкупната вредност е 33 милиони евра. 

Додека траеше расправата во Собранието премиерот Зоран Заев во интервју на Канал 5 рече дека преземањето на гасоводот во целосна државна сопственост е неопходен услов да се изгради интерконекторот со Грција, „да добиме евтин гас, да имаме екологија во државата, да имаме поевтина енергија и да ни бидат поконкурентни компаниите, да се греат домаќинствата на повтини енергенси. Има мал милион аргументи“. Според него, Европската енергетска заедница ги потврдила и цените и вештачењето, како и вредноста на имотот. ЕЕЗ вчера пуштила и писмо до парламентот,  кое за опозицијата не беше некаков аргумент што би бил должен за внимателно разгледување.

Опозицијата ја претстави расправата како доолга херојска битка од која се вратиле непоразени. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на својата фејсбук страница напиша: „Ќе се обидат пак деновиве, но оваа битка во текот на два дена, две ноќи и едно утро покажа дека против ВМРО-ДПМНЕ власта не може. Честитки за големата и силна битка на сите пратеници од опозицијата! Продолжуваме со борбата за правда и борба со криминалот во Македонија“. 

Претходно и лидерот на партијата Христијан Мицкоски дојде во Собранието да ги охрабри пратениците да бидат на штрек и да не попуштаат во расправата за договорот за „Макпетрол“.