Прекината седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет


Прекината е седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која денеска меѓу другото требаше да се расправа за Предлог-законот за задолжување со заем за проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици и за Предлог-законот за заем за финансирање на Патниот коридор 8.

Опозицијата реагираше што седницата е свикана од страна на претседателот на Собранието и што се одржува денеска кога на пленарна седница е дополнетниот Предлог-буџет за 2022 година. Според опозицијата, ваквото закажување на седница е несериозно и претставува кршење на Деловникот за работа.

– Не постои член во Деловникот за работа со кој претседателот на Собранието свикува продолжение на седница на комисија. Ова е кршење на Деловникот за работа. Претседателот на Собранието може да свика седница на комисијата, но не и продолжение на седница. Ова отвара сомнеж, рече Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Ели Панова побара итно да биде свикана седница на Комисијата за избори и именувања и да бидат назначени нови претседатели и членови во оние комисии каде местата се испразнети по заминувањето на дел од пратениците на градоначалничките функции.

Во моментот, и Комисијата за финансирање и буџет нема претседател откако доскорешниот претседател Тимчо Муцунски беше избран за градоначалник на неодамнешните локални избори.