Прекината седницата на Комисијата за надзор над работата на АНБ за случајот Онишченко


Фото: Б. Грданоски

 На денешната седница на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање присуствуваа пратениците и од опозицијата и од власта со цел да се продолжи работата, но од страна на АНБ немаше ниту еден претставник кој ќе продолжеше да реферира за тоа како лицето Олександр Онишченко добило македонско државјанство и позитивни мислења, изјави претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, откако ја прекина седницата поради немање услови за работа.

Пренџов посочи дека денеска не направиле надзор зашто претставници од АНБ не присуствувале на заседанието, но најави дека за кратко време повторно ќе ја свика оваа седница на чиј дневен ред единствена точка е случајот Онишченко.

– Ќе разговараме, ова тука нема да заврши, седницата не е затворена, точката не е заклучена, во следниот краток период повторно ќе свикаме седница со цел мистеријата Онишченко конечно да добие епилог, рече Пренџов, посочувајќи дека ќе побараат одговори и од новиот директор на АНБ.

Пренџов го оцени како неодговорно однесувањето на вработените во АНБ, поради неприсуство на нивни претставник на седницата.

– Наместо Агенцијата повеќе да се грижи за безбедноста на граѓаните имам чувство дека тие со дејствијата прават граѓаните да се чувствуваат небезбедно во своја држава. Неодговорно е однесувањето никој да не се појави на оваа седница, имајќи предвид дека граѓаните се тие кои плаќаат и за плати и за вработени и логистика на сите јавни функционери вклучувајќи ги и вработените во АНБ, рече Пренџов.

Комисијата за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање денеска ја продолжи затворената седница на која требаше да продолжи сведочењето на досегашниот директор на АНБ, Виктор Димовски за улогата на Агенцијата во безбедносната проверка на украинскиот бизнисмен Олександр Онишченко при давањето на позитивно мислење за добивање македонско државјанство.

Првото продолжение на седницата, кое исто така беше затворено за јавноста, беше прекинато бидејќи имаше информации дека на Јутјуб се слуша тоа што го зборувал Димовски.

Владата вчера за нов директор на Агенцијата за национална безбедност го именуван Зарко Милошевски, кој досега беше помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар во АНБ.