Прекината блокадата на патот кон депонијата во Кочани


 

Граѓаните од Кочани ја прекинаа блокадата на крстосницата кај селото Бели, каде 18 дена го контролираа пристапот кон градската депонија за комуналните возила од општините од регионот.

Во образложениито за ваквата одлука, од Одборот на граѓанската иницијатива за протестот нагласуваат дека даваат доверба на локалната самоуправа, откако Советот на Општината на последната седница даде едногласна поддршка на барањето да не се носи отпад од другите општини на кочанската депонија.

-Наша конечна цел е чист воздух и здрава околина во нашето Кочани. Сега, во насока на реализирање и спроведување на донесената одлука, а сè до формирањето на надзорното тело, односно екопатролата за управување со отпадот на територијата на Кочани, група граѓани ќе продолжат со 24-часовен мониторинг на работата и дотурот во депонијата. Во моментот, според одлуката на Советот на Општина Кочани, единствена надлежност за депонирање има КЈП „Водовод“ и истото ќе управува само со отпадот на територијата на општина Кочани, истакнуваат од Одборот во писменото соооштение до јавноста.

Голема благодарност за поддршката, на скоро тринеделната блокада на патот кон Пониква, одборот упатува кон сите граѓани и кон медиумите кои објективно известуваа за нивните активности.