Прекинат и карневалот во Венеција поради страв од корона вирусот


Италија денес го прекина одржувањето на карневалот во Венеција поради стравувањата од корона вирусот.

„Наредбата е оперативна веднаш и ќе стапи на сила на полноќ“, соопштија регионалните власти на Венето, во чија област ја вклучува и Венеција. Карневалот, кој привлекува десетици илјади посетители, требаше да трае до вторник. Автобусите, возовите и другите видови јавен превоз – вклучувајќи ги и гондолите во Венеција – беа дезинфицирани.

Организаторите на карневалот соопштија на Твитер дека „по 16 дена карневал, јавните настани на Венецискиот карневал 2020 завршуваат денес во 12 часот. Следното издание на Венецискиот карневал ќе се одржи од сабота 30 јануари до вторник 16 февруари 2021 година.

Властите соопштија дека три лица во Венеција биле позитивно тестирани за вирусот КОВИД-19, сите во доцните 80-ти и тие се хоспитализирани во критична состојба.

Речиси сите 133 случаи во Италија се концентрирани на северот од земјата, најмалку 25 од нив во регионот на Венето.

Властите соопштија дека не биле во можност да го пронајдат изворот на вирусот распространет на северот, кој се појави минатата недела кога во Коденого, италијански маж во доцните 30-ти години сериозно се разболе.

Најпрво се претпоставуваше дека тој бил заразен од италијански пријател со кого ручал и кој неодамна се вратил од Шангај, каде што работел. Кога пријателот се тестирал, резултатите биле негативни, по што вниманието се насочило кон неколку Кинези кои живеат во градот и кои често ја посетуваат истата кафеана. Но, гувернерот на Ломбардија, изјави пред новинарите дека сите Кинези биле негативни на тестовите.

Во Ломбардија се регисгтрирани 90 случаи, и таа е досега најтешко погодениот регион. На училиштата и универзитетите им било наредено да останат затворени во наредните денови, а спортските настани биле откажани. Забраната во Ломбардија за одржување јавни настани се прошири и на мисите во црквите.

Но, на југ, илјадници луѓе излегоа во пристанишниот град Бари на миса со папата Франциско, кој се ракуваше со верниците за време на неговиот настап во јавноста.

Во Венеција и во други делови на Венето ќе бидат затворени и музеи, училишта, универзитети и други јавни објекти. Мерката се очекува да трае најмалку до 1 март.

Во Торино, главниот град на северниот регион Пиемонт, биле дијагностицирани три случаи, а едно семејство од три лица било тестирано за можната зараза, соопштија властите. Тој регион исто така најави затворање на сите училишта и универзитети.

Најголем скок во случаи на потврден КОВИД-19 беше забележан од властите во Ломбардија, населен регион во кој влегува и финансискиот центар на земјата, Милано. Речиси сите случаи беа во селата, главно во Кодогна и соседните градови, каде им беше дозволено да останат отворени само на аптеките и на прехранбените продавници.