Прехранбената индустрија, водостопанствата и училиштата од денеска може да склучуваат договори за поевтина струја
За да почнат да се снабдуваат со електрична енергија од први во наредниот месец, сите заинтересирани потребно е најдоцна до 10 (десети) во тековниот месец да го достават до „ЕСМ продажба“ потпишаниот договор со потребната документација

Премиерот Димитар Ковачевски, на денешната прес-конференција истана дека веќе се утврдени процедурите и ЕСМ ја подготви потребната документација, врз основа на која ќе се склучат договорите со „ЕСМ продажба“ за снабдување со електрична енергија за физички и правни лица регистрирани за вршење на приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија, јавни претпријатија од областа на водостопанство, како и основните и средни јавни училишта.
„Документацијата и упатствата се крајно поедноставени ќе се постават на официјалната страна на АД ЕСМ од каде потрошувачите ќе можат да ги симнат и да ги пополнат и заедно со другите документи кои треба да ги приложат кон барањето, треба да ги пратат на е-меил, а потоа да ги достават и до архивата на компанијата“, рече Ковачевски.
Потрошувачите можат да склучат договори за снабдување со електрична енергија од АД ЕСМ секој први во месецот, односно, 1 декември 2022, потоа 1 јануари, 1 февруари, 1 март и 1 април 2023.
„На пример, овие следни два дена што се пред нас, денес и утре, до 10.11 треба да се поднесат документите за да почне снабдувањето од 1.12, односно од 1 декември оваа година. Овој рок не важи само за корисниците кои во моментот се на снабдувач во краен случај, за нив рокот е до 20-ти во тековниот месец“, појасни премиерот.
Со мерката се опфатени три категории на потрошувачи:
Цената на електричната енергија за нив ќе биде 80 e/MWh и ќе важи само за потрошувачката на броилата за извршување директно на приоритетната дејност, значи исклучиво во производниот процес.

Тој потсети дека истото што било договорено со претставниците на стопанските комори од секторите кои се од прехранбената индустрија на основни прехранбени производи сите да бидат солидарни и како што некои веќе и најавија цените на основните прехранбени продукти кои се опфатени со оваа мерка да се намалат, најмалку за 10%.
Во втората категорија се опфатени јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици.

Цената на електричната енергија за нив ќе биде 95 e/MWh.
Во третата категорија се основните и средните јавни училишта.
„За да имаме топли училишта и топли болници во оваа кризна состојба Владата со одлука обезбеди за 365 основни и 109 средни училишта како и за здравствените установи повластена цена на струја од ЕСМ од 95 евра/MWh. Целта на снабдувањето на училиштата е да се осигура настава, односно дека нема да дојде до нарушување на воспитно-образовниот процес од причини недостиг на струја, исклучување поради неподмирени високи сметки итн. поврзани со електричната енергија“, рече Ковачевски.
