Преговорите за влада далеку од очите на јавноста


СДСМ и ДУИ во принцип постигнале договор, но останале крупни разлики што треба да се усогласат до крајот, меѓу кои и тоа кој ќе биде премиер, при што ДУИ инсистира тој да биде Албанец, а СДСМ не попушта.

Официјално, СДСМ и ДУИ тврдат дека продолжуваат консултациите, а и во соопштенијата кои ги испраќаат, пишува  дека „ по утврдувањето на коалициски принципи и определби, преговарачките екипи работат на хармонизација на изборните програми на двете партии во предлог програма за работа на евентуалната идна Влада“.

„Исто така, денес започнува процесот на разгледување на поделбата на одговорностите во идната коалиција како и на предлози за соодветни, подготвени, чесни и способни кадри кои ќе можат во целост да ја реализираат програмата во четиригодишен мандат. За какви било дополнителни новости или напредок по однос на преговорите, веднаш ќе ја известиме јавноста“, велат од партиите.

На крај додаваат дека точни се само информациите во врска со разговорите кои произлегуваат од функционери на странките вклучени во преговорите.

Љупчо Николовски и Артан Груби добија задача да ги пеглаат разликите од последната средба на лидерите на СДСМ и ДУИ.

Заев и Ахмети се обидуваат надвор од очите на јавноста да најдат заеднички јазик, но и покрај тоа се чини дека не се помрднати од место. ТВ24 вчера објави и дека ДУИ од Заев бара и позиции од трет ешалон, како МВР, одбрана или генералштаб, како и финансии, вицепремиер за економија, но и клучното место – Министерство за правда.