Преговорите може да почнат: ЕУ ги усвои рамките за Македонија и Албанија
Чешкиот премиер Петр Фијала вечерва на Твитер објави дека Советот на Европската унија одлучил да ги започне пристапните преговори со Скопје и со Тирана. Чешка претседава со ЕУ до крајот на годинава.
Според Фијала, ова е важен чекор во приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ. „Ова е голем успех за нашето претседателството“, рече Фијала, откако беа усвоени преговарачките рамки за Македонија и за Албанија.
Чешкиот премиер вели дека утре во Брисел ќе се сретне со лидерите на двете земји за да разговараат за следните фази на патот кон Унијата. Фијала му се заблагодари и на францускиот претседател Емануел Макрон, за кој како што рече, одиграл клучна улога во овој успех.
Бугарија денеска на состанокот на амбасадорите на ЕУ (КОРЕПЕР) ја претставила едностраната декларација со која потсетува дека не го признава постоењето на „македонскиот јазик“, соопшти бугарското МНР.
Според денешните најави од Европската комисија утре претпладне се планира заедничка изјава на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, премиерот Фијала и неговите колеги Еди Рама и Димитар Ковачевски. Двете земји утре ќе ги одржат своите први меѓувладини конференции.