Преговори за идната хрватска влада: Татковинското движење има четири услови


 

Кој и како ќе ја формира новата хрватска влада е прашање за кое се зборува уште од објавувањето на првите резултати на 17 април.

Засега нема договор, но најблиску е ХДЗ која на изборите освои 61 мандат и потребни се уште 15 за да има парламентарно мнозинство, јавува загрепски Н1.

ХДЗ донесе одлука и за листата за изборите за Европскиот парламент, а носител на листата е премиерот Андреј Пленковиќ.

Татковинското движење (ТД) е подготвено да формира влада со ХДЗ, а денеска започна официјални преговори со сите партии.

Запрашан дали се подготвени да учествуваат во влада во која ќе биде и Татковинското движење, лидерот на ХСУ, Веселко Габричевиќ, рече: „ХСУ донесе одлука да коалицира со ХДЗ за парламентарните избори, никогаш не се предомислувам ниту се откажувам од она што еднаш се согласив. Лојални на ХДЗ до крај“.

Иван Пенава, претседател на Татковинското движење, заедно со своите колеги одржа прес-конференција.

„Подготвени сме за формирање на идното мнозинство и Влада, подготвени сме за четири години во опозиција, но и подготвени за нови избори. Се стремиме да ги промениме работите на подобро во Хрватска. Би сакале да бидеме на позицијата на извршното мнозинство, но не по секоја цена и без да го продадеме она што мнозинството наши гласачи го гледаат во нас, а тоа е верба и надеж во суверена, силна и независна Хрватска“, рече Пенава.

Пенава беше видно нервозен и аргументираше на прес-конференцијата, впуштајќи се во расправа со новинарите, според Н1.

Неговиот настап го коментираше политичкиот аналитичар Жарко Пуховски, кој изјави дека Пенава не е доволно квалификуван за ситуацијата во која се нашол.

„Веќе неколку години кажувам дека тој нема капацитет на политичар на национално ниво“, смета Пуховски.

Весна Вучемиловиќ од Хрватските суверенисти изјави дека преговорите ќе продолжат уште некое време и најверојатно ќе се постигне одреден договор.

Таа додаде дека мора да се почитува волјата на гласачите затоа што „доколку гласачите сакаа левичарски партии на власт, ќе гласаа за нив“.

„Математиката е многу јасна, партиите десно од центарот добија мнозинство, ХДЗ е релативен победник на изборите, нормално е тој што е релативен победник прв да се обиде и да го добие мандатот за формирање Владата“, изјави таа за ХРТ.