„Преговарачката рамка не може да се смени. Тоа е лажна вест“, изјави амбасадорката Агелер
Историчарите ќе се навраќаат на овој момент за земјата и ќе оценуваат како се однесувале лидерите на партиите - дали ќе ги оправдаат или ќе го осудат нивниот избор

Американската амбасадорка Анџела Агелер во четвртокот 10 август јасно ја претстави позицијата на Вашингтон околу преговорите на Македонија со ЕУ, велејќи дека е „лажна вест“ оти може да се смени преговарачката рамка усвоена лани летото.
Обврските мора да се исполнуваат, рече Агелер во интервју за телевизијата Канал 5.
„Европската унија беше кристално јасна за тоа што се бара од оваа земја за да се придвижи напред кон интеграцијата и да биде целосно рамноправна членка на евро-атлантската заедница. Тоа ќе се постигне со исполнување на обврските од договорот постигнат минатото лето и со тоа да оди напред низ разните пристапни процеси.
Лажна вест е тоа дека некој може да го репреговара договорот постигнат минатото лето. Тоа е лажна вест“.
Таа уште нагласи дека не е откриено оти е можен подобар договор:
„Исто така лажна вест е дека е можен подобар договор кој сè уште не сме го откриле“.
Според неа, политичарите треба да работат во интерес на граѓаните и да ја придвижат Македонија кон ЕУ, а тоа е усвојувањето на уставните измени.
„Амбасадорот на ЕУ овде во Скопје, но и Брисел, беа многу јасни дека ова се барањата за одење напред. Така што уште еднаш, наместо да биде заглавени во историски прашања и контексти, тоа што е барање на граѓаните од политичарите кои ги избрале, е тие да работат за нивните интереси и да ја придвижат земјата кон Европската унија.
Тоа е местото каде што се можностите за економски раст, образование, социјала, трговија и многу други можности постојат. И навистина искрено за надевам дека тие ќе ги направат тешки одлуки“, рече Агелер.
Таа не сакаше директно да ја коментира најавата на опозицијата дека нема да гласа за уставните измени и рече дека „тоа е веројатно прашање кое најдобро е упатено до професорот Мицкоски, кој е претседател на ВМРО-ДПМНЕ и не можам да одговорам наместо него“.
Но додаде што може да каже:
„Многу се надевам дека пратениците, лидерите и членовите на сите политички партии повторно ќе го препознаат овој клучен момент за земјата и ќе донесат одлуки кои се за доброто на граѓаните, а не во интерес на нивните политички или лични аспирации. Оваа земја може и ќе има огромна корист од членството во ЕУ и членството во широката трансатлантска заедница. И тоа е државна цел на оваа земја и речиси 80 проценти од граѓаните во оваа земја сакаат да бидат дел од ЕУ. Патот напред е многу јасен“.
Нагласувајќи дека е важно оти единствениот начин да се одбегнат притисоците од кој било европски центар или неговите водачи, Агелер погледна и во иднината:
„Исто така многу силно верувам дека историчарите ќе се навраќаат на овој момент во иднината како на еден многу критичен момент за земјата и ќе гледаат кон лидерите на различните партии и како тие се однесувале – дали ќе го оправдаат нивниот избор или ќе го осудат“.