Прегазувањето на Фросина е тешко кривично дело со умисла, вели обвинителот Коцевски
Министерот Игор Филков ја разреши судијката Даниела Алексовска-Стојановска од работната група на Министерството за правда

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски денеска на прес-конференција прегазувањето на Фросина Кулакова од Неготино од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје рече дека станува збор за кривично дело сторено со умисла и против осомничениот се води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот.
„Се преземаат сите дејствија за обезбедување докази за овој кривично правен настан. Од досегашните докази, за Обвинителството е неспорно дека станува збор за кривично дело сторено со умисла. Токму затоа, Обвинителството во овој случај против осомничениот води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот. Истрагата е поведена за кривично дело од областа на сообраќајот, меѓутоа сторено со умисла“, рече Коцевски.
Коцевски изрази уверување до јавноста и до семејството дека постапката ќе биде ефикасна и Обвинителството ќе инсистира на најстрога казна.

На друга прес-конференција, министерот за правда, Игор Филков, ги повика судовите во сите инстанци и Судскиот совет да преземат дејствија со кои ќе се преиспита целиот случај со прерано загинатата Фросина. Тој објави дека ја разрешил судијската Даниела Алексовска-Стојановска од работната група на Министерството за правда.
,,Ве информирам дека денеска донесов одлука да ја разрешам од членство во работна група во Министерството за правда, судијата чие име ја бранува јавноста. Судијата беше дел од работната група која е формирана во декември 2020 година за измени на Кривичниот законик и беше дел од оптимизираната работна група за брзите измени на Кривичниот законик со кои што очекуваме да се отстранат штетните последици предизвикани со измените во 2023 година. Ова го правам со цел да не се дискредитира процесот кој што е започнат за потребните суштински реформи во правосудството“, изјави Филков.

,,Одговорност мора да се утврди и тука нема компромиси. Граѓаните очекуваат правда а институциите се должни да ја испорачаат, брзо, правично и транспарентно“, рече Филков.
Судскиот совет ќе ги разгледа сите случаи каде има сомневања за пропусти од страна на судии за изречени пресуди, а казнената политика на судовите треба да биде предмет на сеопфатна анализа. Ова денеска го рече претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со трагичната сообраќајна несреќа во која загина 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино.
„Се работи за случај што ја потресе цела држава. Изразуваме сочувство до семејството. Не би сакал сега во вакви моменти на чувства што ги има кај сите граѓани да се носат избрзани одлуки или да се изведуваат некои заклучоци. Не е добро да се прават брзи промени во законот“, рече тој.
Прашан за претходните различни дела за кои правно бил гонет Васил Јованов, односно дали судијката Даниела Алексовска-Стојановск аму му изрекла преблага казна, посочи дека не знае кои биле доказите во конкретниот предмет.
„Не би се осудил да коментирам за одлуката сè додека не го видам целиот предмет“, вели Камбовски.
Одговарајќи дали смета дека се прениски казните за вакви дела со настрадани во сообраќајни несреќи, рече дека во прашање е казнена политика на судовите, како и дека е потребна официјална анализа која треба да ја покаже состојбата, односно дали секогаш се оди кон изрекување на поблаги казни.
„Тоа е казнена политика на судовите, која секако трпи промени. Казната што ја предвидел законодавецот е најмалку четири години, што значи дека може да се оди до максимумот, кој го предвидел законот, а тоа е 20 години. Тоа не е блага казна“, вели Камбовски.
Според него, не се само проблем поблагите казни, ниту постапувањето на судовите, туку дека се работи за подлабок, поголем проблем на целото општество.
Јавна расправа „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“ ќе се одржи денеска во рамки на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Претходно пратеничките групи на ВМРО – ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ до Собранието поднесоа барање за одржување јавна расправа со цел анализи и утврдување потреба од изменување на законските прописи за зголемување на безбедноста на граѓаните во сообраќајот, објави на Фејбук координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.