Прегазени двајца пешаци, едниот починал


Фото: Б. Грданоски

 

Во две одделни сообраќајни незгоди во Скопје и Гостивар со возила прегазени се малолетник и маж, при што мажот на возраст од 31 година, починал, соопшти полицијата.

Имено, во неделата во 11.20 часот било пријавено дека на магистралниот пат Гостивар-Кичево, на потегот помеѓу Здуњска крстосница и наплатна рампа Гостивар, товарно возило -миксер, со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Б.С.(52) од Гостивар удрило во пешакот А.М.(31) од с.Долна Бањица, гостиварско.

Пешакот починал на место на незгодата. Лекар констатирал смрт, а во тек е увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Гостивар.

Во саботата пак, во 13.15 часот било пријавено дека во Скопје, на ул.„Благоја Стефковски“, патничко возило „киа“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.А.(38) од с.Табановце, кумановско, удрило во малолетен пешак од Скопје.

Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје.