Прегазени дете и пешак


Во три одделни сообраќајни незгоди во понеделникот, повредени се пешак во Прилеп, шестгодишно дете од Опае, а возач кај клучката Стајковци, излетал од патот и удрил во дрвја.
Во понеделникот околу 6.50 часот на улица „Марксова“ во Прилеп, патничко возило „Фолксфаген Венто“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ж.Н.(48) од село Дреновци, прилепско, удрило во пешакот А.С.(44) од Прилеп. Од ударот А.С. се здобил со тешки телесни повреди  и по укажаната помош во болницата во Прилеп бил префрлен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид на местото.
Истиот ден, околу 15.20 часот во село Опае, општина Липково, патничко возило „БМВ“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ф.Ф.(24) од село Лопате, кумановско, удрило во шестгодишно дете од село Опае. Од ударот момчето се здобило со повреди и по укажаната помош во болницата во Куманово било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Увид на местото извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Куманово.
Во 12.20 часот на автопатот „Мајка Тереза“ – Обиколница на Град Скопје, после клучка Стајковци, патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.С.(33) од село Страчинци, скопско, излетало од патот и удрило во дрва.  Притоа, со повреди се здобил возачот на кого му била укажана лекарска помош во Ургентен центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Увид извршила екипа од СВР Скопје.