Преференцијален третман: за што и до кога?


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Ако не се адресираат соодветно, најавените субвенции за етнички вработувања не само што нема да ја намалат претпоставената дискриминација туку неа ќе ја легитимираат и дополнително ќе ја зацементираат. Тоа пак ќе води во понатамошно дезинтегрирање на општеството

 

Повеќето теми со кои во изминативе две недели се занимава македонската јавност ги поврзува еден најголем заеднички содржател. Тоа прашањето: до кога барања за преференцијален третман, на една или друга категорија население? Во сите нив се бара или се да добива одреден привилегиран третман од страна Република Македонија. Тие од државата очекуваат како од некоја „радодајка“  да ги исполни нивните желби оти, во спротивно, ќе се упатат било кон Брисел било кон Стразбург.

Меѓу бројните актуелни барања за повластен третман некои се домашни, други странски. Од странските, Бугарија, на пример, бара повластен третман во однос на тоа како ќе ја пишуваме нашата национална историја и нашите национални херои. Закачена за великобугарските идеи, актуелната бугарска политика огнот дома го загасува со барање до нас да признаеме нивно ексклузивно право врз етничкиот и јазичкиот идентитет на Македонците. Само нивниот „македонизам“ да бил единствената вистина!

Домашните пројави на привилегиран третман на едни на сметка на други се побројни. Ќе ги споменам само оние чии иницијатори се прават како да не знаат дека бараат или добиваат привилегиран статус за себеси и своите. Така, новинари од случајот „Таргет-Тврдина“, по некаква професионална привилегија, а всушност класичен поткуп ги добија досијеата од прислушуваните разговори. Тие сега најавуваат тужби против државата и побарувања во илјадници евра оштета за направената им дискриминација! При тоа, не се прашуваат дали привилегијата на стотината кои ги добија досијеата не е дискриминација во однос на останатите над 20.000 прислушувани!

Третиот пример го дадоа родителите на деца до шестгодишна возраст и самохрани мајки. Тие брааат да не работат, ниту од дома, а да си земаат плата! Тоа, веројатно мислат, и не е ексклузивна привилегија имајќи на ум дека државата со години во форма на плати исплаќа луѓе кои не ни знаат каде им е работното место – така нивната плата е еден вид етничка рента за албанство. Кога би знаеле дека на овој начин, всушност се плаќаат некогашните борци на ОНА, можеби и ќе речеме во ред. Одработени, со оружје и за тоа се плаќаат согласно Рамковниот договор и модусот кој го одбра претходната влада. За репродукцијата на општеството се важни и децата и борците!

Но, формулата според која се влечат вакви и слични привилегии не треба да е партиски туку општествено валоризирана, а нејзините корисници, за возврат, да го валоризираат општеството. А како корисниците на етничката рента го валоризираат општеството, односно државата како негов репрезент? Првиот вицепремиер објави дека владата проектира воведување стимулативни мерки, субвенции, за приватните фирми при вработување припадници на малцинските заедници. Дали најновото барање за проширување на привилегираниот третман врз етничка основа е уважување на начелото „едно опшетство за сите“? Реакциите на засегнатата јавност се главно негативни.

Како и претходно кога во Македонија беа за прв пат воведени вакви мерки од арсеналот на политиките на афирмативна акција или позитивна дискриминација се поставуваат повеќе прашања. И тогаш, при воведувањето на уписни квоти при уписот на универзитет и сега сметам дека државата и другите јавни власти не смеат да останат слепи пред неправдите кои се случуваат меѓу луѓето во нивното секојдневно функционирање. Секоја современа и демократска држава која како таква се потпира на идејата за човековите права и слободи нужно е упатена на мерки и политики со кои ќе се коригираат општествените несовршености. Независно дали станува збор за баналните човечки несовршености, како што се пристрасноста, стереотипноста и различните просто човечки слабости, или, пак, станува збор за несовршености на општествени механизми како што се пазарот и економијата, државата која го заслужува тоа име го држи општеството како едно, заедно. А тоа не е можно без идејата за правдата.

Од таа перспектива, најавата за проширување на мерките за преференцијален третман на припадници на малцинските заедници не е сама по себе спорна. Но, таа е многу ризична во дадените околности. Оваа моја размисла е токму во насока на подигање на свеста за замките во кои може да западнеме ако најавената мерка не се дизајнира соодветно, со уважување на постојните искуства во светот.  Особено ако не се одговори на прашањата за нивниот обем и дострел.

Најпрво, проширувањето на мерките на т.н. афирмативна акција од јавниот кон приватниот сектор не е нешто што го измислуваат нашите етнопретприемачи. Првите мерки од тој тип се појавуваат во Соединетите Американски држави непосредно по движењето за граѓански права и слободи. САД и денес се борат со причините и последиците на овие мерки за справување со расната, односно етничката нееднаквост и дискриминација. Во Европа политиките за афирмативна акција најпрво беа фокусиран на полово-родовите односи, но во последните дваесет години се прошируваат и на етнички, расно, религиски и на друг начин засновани неедкаквости. Во Франција, на пример, етничките и полово-родовите цели на политиката на позитивна дискриминација се затскриваат со географска завеса на т.н. зони за приоритетно образование. Европската унија почнувајќи од 1999 го прошири опсегот на ваквите мерки од полово-родовите кон другите форми на дискриминација – етничката, расната, религиската, старосната и  попреченостите. Со цел да обезбеди целосна еднаквост, европската легислатива наметнува еднаков третман на сите барателите на работа, но при тоа допушта секоја земја членка да може да „презема и поддржува специфични мерки за спречување или компензација на попречености поврзани со било какви дискриминаторски основи“.

Спроед тоа, појдовна претпоставка на ваквите мерки зад кои треба да застане државата е докажаната дискриминација при вработувањето. Но, токму во ова лежи проблемот со ваквите политики. Ако тој не се адресира соодветно, најавените субвенции не само што нема да ја намалат претпоставената дискриминација туку неа ќе ја легитимираат и дополнително ќе ја зацементираат. Тоа пак ќе води во понатамошно дезинтегрирање на општеството.

Имено, ако прифатиме дека дискриминацијата е присутен механизам во опшетството и дека токму заради тоа имаат смисла политиките на афирмативна акција, тогаш ќе признаеме дека при вработувањето дискриминираат сите сопственици на фирми, а не само сопствениците Македонци. Дискриминараат и сопствениците Албанци и сопственицте Турци, Роми, Срби, Власи… Но, не дискриминираат само работодавачите. Дискриминативно се однесуваат и барателите на работа. Каде тие да се вработат? Дали таму каде што се нуди и каде што се бара или прво бараат кај некој „свој“?

Како последица на дејствувањето на вакви селективни механизми во функционирањето на пазарот на труд, работната сила кај нас е етнички сегрегирана. Токму поради тоа, најавените мерки треба да одговорат на прашањето дали ќе целат кон засилување или кон слабеење на етничката сегрегација на работната сила. Доделувањето субвенции за фирми кои ќе вработат припадници на малцинските заедници, без јасни интеграциски цели ќе направи нелојална конкуренција помеѓу етнички веќе сегрегираниот бизнис сектор. Корисници на субвенциите ќе бидат главно фирмите во кои, поради дејствувањето на споменатите селективни механизмот, и така се вработуваат главно етнички сродни.

За да се одбегне тој ризик, најавените политики треба да целат кон зголемување на диверзитетот на работната сила, по секоја основа, а не само по етничката припадност. Исто така, постигањата во однос на првичната застапеност преку преференцијален третман не смее да се мерат само на национално туку и, пред сѐ, на локално и микро ниво. Да се почне од единечното (општина, претпријатие, агенција, институција) за да се стигне го целото општество.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)