Предвремено родените бебиња во болницата Ал-Шифа ги обвиткуваат во фолија за да ги одржат во живот


 Предвремено родените бебиња во болницата Ал-Шифа, најголемата во градот Газа, ги завиткуваме во пластична фолија и ги ставаме до топла вода во очајнички обид да ги одржиме во живот, соопшти директорот на болницата Мухамед Абу Салмија.

Абу Салмија за телевизијата Ал Арабија изјави дека бебиња биле извадени од инкубаторите бидејќи не работеле бидејќи веќе нема залихи на кислород и гориво и биле завиткани во фолија за да се загреат.

Вработените во болницата Ал-Шифа се борат да ги одржат во живот новороденчињата,  а бебињата беа преместени од инкубаторите во неонатална единица во друг дел од болницата.
Светската здравствена организација  соопшти дека болницата Ал-Шифа во градот Газа „повеќе не функционира како болница“ и дека бројот на смртни случаи во болницата „значително се зголемил“. Борбите во близина на објектот и понатаму продолжуваат.

 Генералниот секретар на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, синоќа соопшти дека успеале да ја вратат комуникацијата со здравствените работници во болницата.

„Постојаните пукотници и бомбардирањата во областа ги влошија и онака критичните околности. Трагично, бројот на смртни случаи на пациенти значително се зголеми. За жал, болницата повеќе не функционира како болница“, напиша Гебрејесус на социјалната мрежа Твитер.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека неговата земја ѝ понудила гориво на болницата, но Хамас одбил да го прифати, наводи кои веднаш беа демантирани од шефот на „Ал Шифа“, кој ги нарече „лага и клевета“.

Последниот генератор во „Ал Шифа“ остана без гориво во саботата, при што починаа три предвремено родени бебиња и четворица други пациенти, соопшти Министерството за здравство на Газа додавајќи дека уште 36 бебиња се загрозени. Израелската војска тврди дека оставила 300 литри гориво во текот на ноќта во близина на болницата за генераторите што ги напојуваат инкубаторите за предвремено родени бебиња и го координирале породувањето со болничките службеници. Но, според израелската војска, Хамас спречил болницата да го добие горивото. Портпаролот на Министерството за здравство, Ашраф ал Кидра, ги оспори ваквите наводи изјавувајќи за Ал Џезеира дека горивото нема да биде доволно за еден час работа на генераторот.

„Ова е исмејување на пациентите и децата“, рече Ал Кидра. 

Во изјава за Си-ен-ен, Нетанјаху рече дека 100 или повеќе луѓе се евакуирани од „Ал Шифа“ и дека Израел воспоставил безбедносни коридори. Сепак, потсекретарот на Министерството за здравство на Газа, Мунир ал Бурш, изјави дека израелските снајперисти распоредени околу болницата пукаат во се што се движи. Хуманитарната организација „Медицинска помош за Палестинците“ со седиште во Велика Британија, која ја поддржува работата на одделот за интензивна нега во „Ал Шифа“, соопшти дека префрлањето на критично болните бебиња е мошне сложено.

„Бидејќи возилата на итната помош не можат да стигнат до болницата… и нема болница којашто може да ги прими, нема индикации како тоа може да се направи безбедно“, изјавила извршната директорка на организацијата Мелани Вард додавајќи дека единствената опција е Израел да ги запре нападите и да достави гориво до болницата.

Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, соопшти дека во болничкиот комплекс има 1.500 пациенти, заедно со 1.500 медицински персонал и меѓу 15.000 и 20.000 луѓе кои таму побарале засолниште. Претседателот на „Лекари без граници“, Христос Кристоу, за Си-би-ес изјави дека ќе бидат потребни недели за да се евакуираат пациентите.