Предметот Анѓушев против Сашка Цветковска и ИРЛ за клевета вратен на повторно судење


Фото: Б. Грданоски

Секторот за односи со јавноста и со медиумите и за маркетинг на „Феро Инвест“ ДОО Скопје во соопштение до медиумите вели дека Апелацискиот суд во Скопје ја поништил пресудата на Основниот суд и повторно го вратил на судење предметот во кој поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев ги тужи новинарката Сашка Цветковска и медиумот ИРЛ.

„Основниот суд ја ослободи Цветковска од вина за клевета, но Апелацискиот суд утврди дека понискиот суд не ги ценел доказите совесно и грижливо, не зел предвид повеќе докази и сведочења кои биле против Цветковска и погрешно и нецелосно ја утврдил фактичката состојба“, се вели во соопштението.

Затоа, на 23 јуни 2023 година е закажано ново судење.

На Основниот суд му е наложено во новото судење да го земе предвид доказот дека Анѓушев имал телефонски разговор со Цветковска, но таа потоа никогаш не поставила прашања кон него. 

Апелацискиот суд го потсетува Основниот суд дека во мај 2021, кога ИРЛ ги изнесува спорните тврдења против Анѓушев, тој веќе една и пол година не е вицепремиер, така што нејасно е како Основниот суд цени дека Анѓушев морал да трпи посилен степен на сериозна критика бидејќи е носител на висока јавна функција, кога тој не е тоа во моментот кога е клеветен.

Апелацискиот суд му наложува на Основиот суд да суди одново согласно чл. 160 од Законот за парничка постапка (ЗПП), со почитување и соодветно ценење на чл. 8 и чл. 343 од ЗПП и ценење на чл.5 и чл. 8 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, се вели во соопштението до медиумите од Секторот за односи со јавноста и со медиумите и за маркетинг на „Феро Инвест“.