Предметите на СЈО на пауза

Додека политичарите преговараат и никако не можат да го договорат идниот статус на Специјалното јавно обвинителство, во Кривичниот суд постојано се одложуваат предметите кои беа отворени пред две години. Првиот предмет „Титаник“, кој СЈО го отвори веднаш по неговото формирање, уште е во доказна постапка. Прв предмет што влезе во судска процедура е „Насилството во општина Центар“, но првостепена пресуда нема ниту за него ниту за другите предмети кои се при крај, а во кои им се суди на функционерите од поранешната власт. За оние предмети, пак, што имаат правосилни пресуди, како предметот „Труст“ во кој е осуден бизнисменот Сеад Кочан, затворските казни сè уште не се извршни, додека казната за поранешната министерка Гордана Јанкулоска е одложена поради нејзиното бебе. Случајот „Тенк“, во кој беше осуден поранешниот премиер Никола Груевски, е пред Врховниот суд, а единствената пресуда која заврши со затворска казна за поранешниот помошник-министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, осуден во случајот „Триста“, беше поништена и предметот е вратен на повторно судење.

Во предметот „Титаник 3“, во кој им се суди на функционери од ДУИ, и во предметот во кој му се суди на новинарот Драган Павловиќ-Латас се менуваа судиите, а член на судскиот совет се смени и во случајот „Транспортер“, па случајот почна од почеток.

Шефицата на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева вели дека предметите не се одолговлекуваат заради преговорите што се водат за новиот Закон за јавно обвинителство, со кој треба конечно да се реши СЈО, туку поради објективни причини, затоа што некој од обвинетите се разболел и ред други причини кои се случувале вообичаено. Сепак, таа испрати порака до судот судењата да се интензивираат и да се проверат тврдењата на обвинетите кои одбегнуваат да дојдат на судењата дали се точни и дали навистина се спречени да дојдат. Вината вели треба да се бара во судовите.

„СЈО, како и редовното јавно обвинителство, е само орган кој гони, за разрешници на предмети одговорност треба да се бара во судовите. Нашите предмети кои се во суд сите се предадени на 1 јули 2017 година. Оттогаш поминаа еве веќе две години, а имаме и обвинителни предлози од 15 септември 2016 година кои немаат првостепени одлуки. Вината за тие работи треба да ја барате во судовите“, изјави Јанева.

Од Кривичниот суд, каде што се водат најголем дел од предметите на СЈО, вчера немаше реакција на изјавата на Јанева, но во понеделникот реагираа конкретно за предметот „Титаник“ и обвинителите ги упатија на законот според кој имаат можност да побараат издвојување на постапката за некој обвинет и со тоа да се зголеми ефикасноста. Сепак, за да се раздвои постапка за некој обвинет, тоа треба да го побара јавниот обвинител кој го води случајот.

Покрај предметите во судска процедура кои немаат завршница, неизвесна е и судбината на оние што се отворени по 30 јуни 2017 година бидејќи опозицијата бара за овие предмети да се уништат не само прислушуваните материјали, туку и доказите, со што ќе пропаднат над 20 предмети кои ова обвинителство ги води против поранешните функционери, но и против сегашни функционери од ДУИ.

За Јанева е прифатливо за предметите кои се отворени по рокот „бомбите“ да се користат само како индиции бидејќи обвинителите имаат собрано доволно докази и без тие разговори. Но за неа е неприфатливо со законот да се решаваат предметите што ги работи СЈО ниту, пак, со него да се решаваат персоналните решенија, кој да биде или да не биде обвинител во СЈО, туку ова прашање да се решава со постапка во Советот на јавни обвинители.

„Предметите на СЈО не треба да бидат предмет на договор меѓу политичките партии. Треба да дозволат тие предмети континуирано да останат во работа на СЈО. Ние сè уште не сме го кажале последниот збор во некој од предметите, иако има определени предмети кои се во истрага, но се во завршна фаза. Се надевам дека што побрзо ќе биде донесен законот за да можеме да се приспособиме на него и да ги продолжиме нашите постапки, и оние што се во истрага и оние што се во предистрага. Да ја продолжиме работата како и досега, континуирано, со забрзано темпо за да може правдата да биде поблиска до секој граѓанин и да биде препознатлива по СЈО како и досега“, изјави Јанева.

Вицепремиерот Бујар Османи вели дека има два датума до кога партиите треба да се договорат за СЈО – едниот датум е пожелен, а другиот е неопходен.

„Пожелниот би било пред извештајот на ЕК, а неопходниот би бил пред одлуката на Советот на ЕУ. Работиме да ги искористиме овие денови максимално да се изнајде решение помеѓу политичките партии, а ако во некој разумен рок не се постигне таквиот договор треба да се продолжи комуникацијата меѓу пратениците“, рече вицепремиерот.

Реформите во судството и во администрацијата се клучните слабости со кои земјава се бори од нејзиното осамостојување и за кои Европа бара и нè условува за влез во нејзиното семејство. Сепак, експертите кои ги следат состојбите во овие области велат дека во овие реформи се прават само козметички, но не и суштински. Професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Гордан Калајџиев, вели дека веројатно кога ќе влеземе во колосекот за преговори како ученици на некој начин ќе одиме по некоја чек листа од Европската Унија. Тој изрази надеж дека тоа ќе биде правиот пат бидејќи, како што рече, ова е патот што ние го избираме или ни го сервираат анонимни странски сили“.

„Секоја влада сака брзи решенија. Мене навистина ми е глупаво што и странците притискаат за палијативни решенија. И нив им е полесно да направат ‘чек-чек’, така правеа и со владата на Груевски, имаше напредок, напредок, напредок додека не дојде шамарот од Прибе, кој вели каков напредок во дупка или во жив песок. Така и овие притискаат да се донесе по секоја цена законот за јавно обвинителство со отворени контроверзни прашања кои не се разрешени само затоа што законите се целта“, рече тој.

Според професорката Мирјана Најчевска, донесувањето на кој било закон не е крај на приказната туку почеток.

Професорот Борче Давитковски им порача на политичарите дека за суштинските прашања, односно за стратегиските прашања на државата мора да имаат единствени, државнички, а не партиски ставови.

„Еве, на пример, за законот за СЈО. Ако тоа е услов за влез во ЕУ, нема што да гледаме партиски интереси, треба да ја гледаме големата слика на државата. Треба да го напуштиме менталитетот ‘да му умре козата на комшијата’ и опозицијата да се сити на неуспесите на власта“, порача Давитковски.

Засега не е закажана нова средба на работните групи на која треба да се расчистуваат главните разлики на партиите.

Јанева: Заслужувам да бидам на чело на СЈО

Според постојниот закон за Специјално јавно обвинителство, мандатот на Јанева завршува на 15 септември, а според новиот закон за кој се преговара, за местото на Јанева ќе има реизбор. За ова место може да конкурираат и други обвинители, но Јанева не се откажува од челната позиција и повторно ќе конкурира.

„Ќе останам до крај, до кога можам да бидам специјален јавен обвинител не затоа што сакам туку затоа што сметам дека заслужувам да бидам на чело на оваа институција“, вели Јанева.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски

loading...