Предлогот за пензионирање на 64 години за власта е оправдан, за опозицијата противречен


Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска во прво читање расправаше по измените и дополнувањата на Законот за работни односи кои треба да овозможат задолжително пензионирање на 64 години и 15 години стаж, а се поднесени од група пратеници. Комисијата ја усвои потребата за донесување на едно вакво законско решение, а пред второто читање треба да се одржи расправа со вклучување на сите засегнати страни, за да се чујат нивните мислења.
Според анализите кои ги направиле предлагачите во координација со Министерството за труд и социјална политика, до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја достигнат околу 6.000 лица. Но, како што појаснуваат, тоа не значи дека согласно предложените законски измени сите тие ќе одат во пензија, бидејќи дел од нив веќе имаат побарано  продолжување на работниот однос. Со овие измени се предвидува прекинување на договорите за работа со 64  години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку во друг закон не е поинаку регулирано. 

-Според нашите анализи бројката на вработени како од јавен, така и од реален сектор збирно до крајот на  2020 година околу 6.000 вработени ќе наполнат 64 години. Но, тоа не значи дека сите овие граѓани ќе одат во пензија. Дел од нив поднеле барање согласно актуелното законско решение до крајот на 31 август за продолжување на работниот век и после продолжување на наполнување 64 години,  а кој се однесува на следната календарска 2021 година, рече Жаклина Лазаревска од СДСМ, како претставник на предлагачите.

Досега, појасни таа, на вработените им беше оставена можност да продолжат работниот однос без притоа да се води сметка дали има потреба од тоа работно место или не. Вработениот доставувал барање и работодавачот морал да му го продолжи работниот однос. Најголем дел од барањата за продолжување на работен однос биле во јавниот сектор.

Според Лазаревска, ова од една страна ќе овозможи намалување на бројот на јавната администрација, но, како што рече, за местата кои се потребни, а ќе останат испразнети ќе се отвори можност за вработување млади и квалитетни кадри и ќе се спречи нивното напуштање на земјата.

Опозицијата реагираше дека ова законско решение е противречно и оти може да се искористи за дополнителни партиски вработувања.

-Од една страна велите дека сакате да ја намалите јавната администрација, а веднаш потоа дека ќе се отвори можност за вработување на нови млади лица. Ние немаме ништо против нивно вработување, но тоа да се прави по мерит систем, а не по партиска припадност, рече пратеничката Благица Ласоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата посочија дека имаат анализи дека не се во прашање само 6000 граѓани кои ја исполнуваат старосната граница до крајот на годинава, туку 10 илјади. Побараа да се направат анализи како пензионирањето на овие лица ќе се одрази врз Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и дали ќе може да го издржи напливот. На ова реплицираа пратениците од власта кои посочија дека Фондот е во добра кондиција и оти тој има проекции дека толкав број граѓани би можеле да заминат во пензија, бидејќи не знае однапред колку би барале продолжување на работниот однос.

Законските измени во собраниска процедура ги поднесоа пратеници од СДСМ, во координација со Министерството за труд и социјална политика.

Овие законски измени се предложени за дневен ред на 21. собраниска седница.