Предлогот неевидентираните лица да бараат упис во матичните книги до јуни пред пратениците


Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците која ќе го разгледува Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, по скратена постапка – II читање, поднесен од група пратеници.

Целта на измените и дополнувањата е да се продолжи рокот за поднесување на барањата за евидентирање за шест месеци, со цел поради пандемијата дополнително да не се загрозува здравјето на вработените во матичните служби и на лицата кои е потребно да се запишат во посебната матична евиденција. Така наместо до 31 декември годинава, ќе се овозможи барањата за евидентирање да се поднесуваат до 30 јуни наредната година, бидејќи поради пандемијата споро се реализира запишувањето на неевидентираните лица.

-Примената на Законот започна дури по завршување на вонредната состојба на 22.06.2020 година. Подзаконски акти со кои се овозможи неговата примена, се донесоа во октомври 2020 а со тоа беа овозможени и конкретните услови за започнување со примената на законот и во пракса. Поради ескалацијата на пандемијата со Ковид 19, процесот на поднесување на барања од страна на лицата кои е потребно да се запишат согласно овој закон се усложни, од причина што и матичните служби не можеа да создадат услови за непречено поднесување на барањата во матичните служби секојдневно, притоа да не се загрози здравјето  и на вработените, но и на барателите на услугите. Од истите причини, и работата на невлидините организации кои беа задолжени за информирање на лицата на терен се одвива со намален капацитет поради сериозноста на ситуацијата и се поголемиот број на заболени, се вели во образложението на предлагачите.

Тие предлагаат и дополнувања во однос на правото на лицето по потреба повеќе пати да може да бара да му се издаде извод од посебниот регистар за лица неевидентирани во матичната книга на родени и во однос на допрецизирањето на времето до кога лицето евидентирано во посебниот регистар на лица неевидентирани во матичната книга на родени најдолго може да биде со таков статус.