Предлог-законот за учебници е повлечен, ќе има јавна дебата
Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование е повлечен од Владата за да биде ставен на јавна дебата со граѓани и групи заинтересирани да учествуваат со сугестии во конечното креирање на законското решение.
„Предлог-законот ќе биде повторно достапен за јавна дискусија и за вклучување на оние поединци, групи и здруженија на граѓани кои не успеаја досега да се произнесат и да дадат свој предлог или сугестија за усвојување на најдобрата верзија во интерес на поквалитетен воспитно-образовен процес, по што конечниот текст на законот, кој ќе се креира по целосно исцрпување на придобивките од јавната дебата, ќе биде доставен во Собрание“, наведуваат од Министерството за образование и наука.
МОН информира и дека не отстапува од спроведување на планот за реформа на основното образование од новата учебна година – воведување нови наставни програми во прво и четврто според новата концепција и дигитални учебници од четврто одделение.