Предлог-законот за јавно обвинителство на собраниска седница на 27 август

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа седницата за предложениот закон за јавно обвинителство на 27 август. Предлог законот, како што може да се види на веб-страницата на Собранието, е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка.

За донесување на овој закон потребно е двотретинско мнозинство во Парламентот. Кога го образложуваше и го најави, премиерот Зоран Заев побара поддршка од сите политички партии.

Во него, рече, се вградени сите точки за кои е разговарано со опозицијата и со сите пратенички групи, кои се прифатливи за сите, ако не, како што потенцира, за најголемиот број пратеници.

Тој појасни дека со законското решение се предлага Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Новото СЈО ќе се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Сите обвинители од СЈО, додаде, ќе продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат.

– Во законодавниот дом, во домот на демократијата ќе отвориме дијалог со сите политички партии и пратенички групи во Собранието, каде што е местото. Текстот што ќе биде предложен ги вградува оние точки за кои досега сме разговарале со опозицијата и со сите други пратенички групи и навистина беа барања на опозицијата, рече Заев и додаде дека очекува дека ќе биде достигнато двотретинското мнозинство.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека со предлогот на СДСМ, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева треба да биде унапредена во републички јавен обвинител, а останатите обвинители од Специјалното јавно обвинителство да бидат преземени од новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција што треба да се формира.

Ова, рече Мицковски, е грубо кршење на Законот за СЈО кој предвидува овие обвинители по завршувањето на мандатот да се вратат во матичните обвинителства.

Затоа, како што рече на прес-конференција Мицкоски, партијата предлага свое решение. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е овие обвинители по престанокот на мандатот да се вратат во матичните обвинителства.

-Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е сите обвинители согласно законот на СЈО да се вратат во матичните обвинителства после престанокот на мандатот, детална истрага за срамниот случај Рекет, проверка на инволвираноста на Катица Јанева, нејзината релација и врска со двајца осомничени кои се наоѓаат сега во притвор, но не и помалку значајна нејзината релација со определени псевдоними за кои што јавноста шпекулира дека се дел од врхушката на власт, рече Мицкоски.

Во однос на предметите на СЈО, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е сите предмети до 30.06 2017 година, наместо да бидат преземени од новото обвинителство, да бидат преземени од државниот јавен обвинител и прераспредени онаму каде овие дела припаѓаат.

ВМРО-ДПМНЕ предлага и финансиска незавиност на целокупното државно обвинителство.