Предлог-законот за јавно обвинителство доби виза од Комисијата за европски прашања


Предлог-законот за јавно обвинителство го помина филтерот на собраниската Комисија за европски прашања. На денешната седница беше разгледуван и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители, кој исто така доби виза од членовите на Комисијата кои одлучија двата предлог-закони да ги проследат во натамошна постапка.

На седницата беше доставен и еден амандман на текстот на Предлог-законот за јавно обвинителство, поднесен од пратеникот Сурија Рушиди, од Aлијансата на Aлбанците, со кој се бара незаконски прислушуваните материјали да се користат како докази во постапките кои се отворени по 30 јуни 2017 година. Министерката за правда Рената Дескоска не го прифати амандманот, и тој не беше усвоен од мнозинството членови на Комисијата.

Амандман најави и пратеникот Панчо Минов но, како што објасни претседателот на Комисијата, Артан Груби, тој не бил уредно доставен.

За Предлог-законот за ЈО денеска треба да се изјасни и собраниската Законодавно-правна комисија. Седницата на оваа комисија е закажана за 12,30 часот. На дневниот ред на Комисијата е и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители.

По комисиската расправа, за предлог-законите треба да се расправа и на пленарна седница на Собранието, која што уште не е закажана.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ преку изјава на координаторот на пратеничката група во Собранието, Никола Мицевски, побара спикерот Талат Џафери да закаже седница на која што единствена точка на дневниот ред ќе биде распуштање на Собранието.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ веќе поднесе Предлог на Одлука за распуштање на Собранието на 5 – ти февруари и бараме истата денес да биде ставена на одлучување пред пратениците“, рече Мицевски. Тој додаде дека бараат Џафери да остане доследен на своите изјави и да закаже седница на Собранието за распуштање на овој парламентарен состав. (Н.В.)