Предлог законот за Академија за судии и јавни обвинители на собраниска седница


Собранието на Република Северн Македонија денеска ќе одржи продолжение на 114. седница, по што ќе продолжи со работа по точките од 111. седница на која на дневен ред е и Предлог законот за Академија за судии и јавни обвинители, во прво читање.

На дневен ред на 114. седница преостанати се измените на Законот за основање на државен универзитет „Гоце Делчев” во Штип, по скратена постапка; измените на Законот за основање на Технолошко – технички факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, по скратена постапка и измените на Законот за данок на добивка, исто така, по скратена постапка, како и Предлог на одлука за основање на Анкетна комисија за утврдување на прекршување на законите и злоупотреби во работењето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите.

Покрај Предлог законот за Академија за судии и јавни обвинители, во прво читање, преостанати точки на 111. пленарна седница на Собранието се и Годишниот извештај на Народниот правобранител за следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност за 2018 година и Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2019 година и дел од Стратегијата за проширување кој се однесува на Република Северна Македонија, како и повеќе барања за автентичко толкување на членови од закони.