Предизборни прогнози: Деблокадата кон ЕУ може да е решавачка, ама кој ќе одлучува за идната влада?


Анкетите му даваат мала предност на СДСМ, но големо прашање е кој би ја направил идната влада, бидејќи не може да се исклучи ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ѝ се вратат на старата коалиција

 

Кампањата за предвремените парламентарни избори влегува во последната седмица, така што паралелно се засилуваат и калкулациите околу изборниот исход, односно распоредот на сили во 10-иот собраниски состав, од што зависи кому ќе му припадне мандатот за формирање на идната влада.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, викендов, прогнозираше победа со 50.000 до 120 илјади гласови разлика наспроти ВМРО-ДПМНЕ. Пресметано во пратенички места тоа би значело од седум до околу 15 мандати повеќе за владејачката коалиција „Можеме“ во однос на опозициската „Обнова“.

Но оптимизмот, барем на отворена сцена, не го напушта ниту лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој изјави дека по 15 јули одредени агенции за испитување на јавното мислење ќе бидат засрамени и ќе го изгубат кредибилитетот, затоа што анкетарските куќи што ги ангажирала ВМРО-ДПМНЕ упатувале на победа на оваа партија.

Од друга страна, анкетата на американскиот Национален демокртаски институт, што беше објавена деновиве, а е спроведена пред стартот на кампањата, иако не се совпаѓа многу со прогнозите на партиските лидерства, упатува на тоа дека колаицијата на СДСМ/Беса влегува како фаворит на овие избори, со 3,6 проценти предност пред ВМРО-ДПМНЕ.

Во споредба со претходната анкета на НДИ, од периодот февруари/март, кога се планираше изборите да бидат на 12 април, се забележува мало поправање на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ за 1,6 проценти, за што може да е причина ковид-кризата што настана во меѓувреме, така што го фрли во сенка големото постигнување за државата во тој период – стекнувањето на полноправното членство во НАТО.

Од друга страна, треба да се има предвид дека анкетата е спроведена во периодот пред Европската комисија да ја утврди предлог-преговарачката рамка за Северна Македонија.  Тоа секако значи силен ветар во грб за моментно владејачката коалиција, меѓу другото и затоа што со деблокадата на почетокот на преговорите со ЕУ, практично, се поништува причината поради која партиските лидери, уште во октомври минатата година, решија да излезат на предвремени парламентарни избори, кога изостана одлуката за почеток на преговорите.

Сѐ поизвесниот старт на преговорите со ЕУ до крајот на оваа година ја охрабри и сѐ уште владејачката ДУИ да се промовира како потенцијален одлучувачки фактор за тоа кој ќе ја формира идната влада. Интегративците, кои во периодот додека изборите беа под мораториум, смислија нов проект наречен „прв премиер Албанец во Северна Македонија“, преку вицепремиерот Бујар Османи, излегоа  со прогнози дека распоредот на сили во новиот парламент ќе биде сличен како по изборите во 2016 година, кога ВМРО-ДПМНЕ имаше двајца пратеници повеќе од СДСМ, но во ситуација кога социјалдемократите имаа десетгодишен опозициски стаж  и кога предизборните анкети сѐ уште благо ја фаворизираа тогаш владејачката десница.

СДСМ тогаш, според бројката на освоени гласови, заостана за само близу 1,5 проценти зад ВМРО-ДПМНЕ или разликата меѓу двете партии беше околу 17,5 илјади гласови што е значително помалку и од предноста што коалицијата „Можеме“ ја има сега во анкетите пред коалицијата „Обнова“ и од прогнозите на Заев за над 50 илјади гласови предност пред партијата на Мицкоски. Тогаш ДУИ, со освоени 87 илјади гласови и девет мандати, во 2017 година, навистина, се наметна како одлучувачки фактор, во ситуација на тесна разлика во мандати меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, доддека тогаш  второрангираната во албанскиот камп – Беса, за која тоа беа први избори, заостануваше зад партијата на Ахмети со освоени 58 илјади гласови и пет мандати.

Овој пат, предизборните позиции на главните политички актери се значително поразлични од пред четири години. Беса, која во меѓувреме се подели на две струи, сега е дел од првата етнички мешана коалиција на СДСМ, додека Алтернатива на Африм Гаши е во коалиција со Алијансата на Албанците на Зијадин Села, која, ако се суди според последните анкети, сериозно се доближува до владејачката ДУИ. Алијансата би можела да ја загрози одлучувачката позиција за формирање и на идната влада, кон која се стреми Ахмети, зад параванот на концептот за „прв премиер Албанец“, со кој релативно успешно ја задуши очекуваната дебата во албанскиот политички камп за „дострелите“ на интегративците во изминатите 18 години од формирањето, во кои дури 16 се на власт.

Алијансата за Албанците, за која ова се, исто така, втори парламентарни избори, во последната анкета на НДИ заостанува само 1,5 проценти зад ДУИ, колку што, на пример, беше разликата во резултатот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2016 година. Според тоа, во ситуација кога проекциите од анкетите приближно би се пресликале во изборниот резултат, Села и Африм Гаши  би можеле да го „дисквалификуваат“ Ахмети од „игрите“ при формрањето на идната влада, во која би партиципирала и Беса.

Села, на митинг во родната Струга, ги предупреди Заев и Мицкоски околу наводната идеја „за меѓусебна размена на пратеници со цел да избегнат условувања од Албанците“.

„Ви кажувам многу јасно и отворено, ако создадете влада само со македонски претставници, ние ќе ја создадеме нашата албанска влада. Јасно е, немам што друго кажам“, порача Села.

Наспроти тоа, Заев, во интервју за МИА, рече дека, со оглед на очекувањата да ја формира идната владејачка коалиција, посебно ќе се внимава да бидат соодветно застапени етничките заедници. „Тоа треба да го правиме во периодот кој претстои дури и со 61 пратеник. Теоретски, ако народот одлучи да ни даде таква одговорност ние ќе влеземе во разговори. Сите опции се отворени, дури и ДУИ ако го тргне ваквиот услов, ние немаме проблем да разговараме. Алијанса и Алтернатива и тоа како се дел од нашата комуникација. Заедно ги гласавме дел од реформите, уставните промени, Законот за ЈО и верувам дека имаме најмалку минимум соработка за да може да градиме заедничка платформа, владина програма за во иднина за да успееме како коалиција. Не се грижам, немам некоја мачнина, како ќе се направи влада и парламентарно мнозинство“, изјави Заев.

Мицкоски, пак, во гостување во емисијата „360 степени“, практично му фрли ракавица на Заев, навестувајќи дека ако биде во позиција да ја формира иднадата влада би разговарал за коалиција и со Беса на Касами.

Наспроти тоа, Касами, на трибина во Тетовско, посочи дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сетоа ова време се во скриена коалиција.

„Иако не е објавена, ДУИ во многу наврати е покоординирана со ВМРО–ДПМНЕ отколку со СДСМ во Владата. Сега, кога ВМРО-ДПМНЕ излегува со национал романтичарски концепт, ДУИ се спротиставува со концептот премиер Албанец“, изјави Касами. (Н.В.)