Предизборна кампања по здравствени протоколи – одговорноста кај политичките партии и граѓаните

Фото: Б. Грданоски

Предизборна кампања со почитување на физичка дистанца од 1,5 до 2 метри, миење и дезинфекција на рацете и носење заштитна маска на сите партиски активности предвидува протоколот на Комисијата за заразни болести. Ова се препораките, а одговорноста за почитување на здравствените протоколи за време на изборните активности на отворен или затворен простор е на самите политички партии и на граѓаните.

Политичките партии најавија дека водат кампања без поголеми собири, но секојдневно се активни на терен. Додека повеќето очекуваа кампања преку социјални медиуми, гледаме и директни средби со граѓаните, за кои политичките партии велат дека се во помал обем и со помал број и согласно мерките.

Согласно сегашните протоколи, партиите може само да повикаат на почитување на мерките, а на самите граѓани останува да ги почитуваат и да се заштитат, бидејќи нема јасно одреден надлежен за нивно спроведување на терен.

МВР тврди – доследно ги почитува протоколите, ДИК вели нема надлежност за контрола на терен

За тоа како се контролира, дали се почуваат протоколите за време на активностите на политичките партии на отворен или затворен простор, односно што ако ако не се почитува физичка дистанца, миење и дезинфекција на раце, носење на заштитна маска или времетраењето на партиските активности, побаравме одговор и од Министерството за внатрешни работи. Оттаму ни дадоа одговор дека МВР доследно ги почитува здравствените протоколи преку спроведување на одредбите на Уредбите со законска сила кои важат и по завршување на вонредната состојба, како и здравствен Протокол бр.17-4682/2 од 22.06.2020 година од Министерството за здравство во врска со спроведување на Предвремените парламентарни избори 2020 година.

– Во врска со активностите кои следуваат во предизборниот период во пресрет на предвремените парламентарни избори 2020 година, Министерството за внатрешни работи во согласност со законот за јавните собири како и со надлежностите предвидени во законите и подзаконски акти по кои постапува и согласно надлежностите предвидени во Изборниот законик, планира и презема мерки и активности во сите фази на изборниот процес за одржување на поволна безбедносна состојба, поволен јавен ред и мир, заштита на животот на граѓаните, спречување на вршење на кривични дела и прекршоци и овозможување непречен проток на сообраќајот со цел создавање на услови за безбедно и непречено одвивање на изборниот процес, се вели во одговорот од МВР.

Државната изборна комисија, пак, посочува дека тие немаат надлежност за контрола и укажуваат дека самите политички партии се одговорни за почитување на здравствените протоколи.

– ДИК нема надлежност. Ние водиме сметка дали кампањата се води согласно закон, дали државни институции кршат закон и ако поднесе некој приговор ние одлучуваме по тоа. Затоа и самите политички партии потпишаа кодекс за фер и демократски избори и треба да го почитуваат тоа. И се обврзаа на фер и коректна кампања, вели за МИА претседателот на ДИК Оливер Дерковски.

Здравствените власти имаат препораки, но нема задолжителност во препорака и затоа, посочи Дерковски, ДИК барала јасен протокол за да ги задолжи своите изборни органи.

Некои од партиите имаат и самите изготвено некои протоколи за почитување, но според Дерковски и да имаат ангажирано редари тие само може да укажат, а сепак од луѓето ќе зависи да се заштитат.

Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Иринка Сотирова Бухова, во изјава за МИА вели дека вршат интензивни и вонредни надзори, но само каде што имаат ингеренции за тоа.

– ДЗСИ нема ингеренции за сите собири од помал или поголем број на отворени и јавни површини. ДСЗИ има ингернеции во сите ЈЗУ, и ПЗУ, градининки, школи, бањи, фитнес клубови, теретани, козметички салони и салони за тетовирање. Тука се вршат интензивни и вонредни инспекциски надзори, изјави за МИА директорката на ДЗСИ Сотирова Бухова.

Протоколите се јасно дефинирани, но само како препораки

Согласно протоколот на Комисијата за заразни болести сите партиски активности за време на предизборната кампања треба да се одвиваат исклучително со почитување на физичка дистанца од 1,5 до 2 метри, миење и дезинфекција на рацете, носење заштитна маска или прекривка на устата и носот.

Овие мерки важат за сите собири кои се одржуваат на отворени и во затворен простор.

Кампањата од врата на врата да се прави со задолжително носење заштитна опрема, да се држи дистанца од соговорниците и да не се влегува во домаќинствата.

Активностите во штабовите треба да се спроведуваат на отворено, а доколку се во затворен простор треба да се почитуваат сите мерки, да не траат подолго од два часа, да се проветрува и да се врши секојдневна дезинфекција.

На пунктовите за рекламен материјал, се препорачува да не се собираат поголем број граѓани и на еден штанд да има најмногу двајца активисти.

Превозот за партиски потреби да се спроведува со средства за јавен превоз, капацитетот на возилото да биде 50 проценти искористен и сите внатре да носат заштитна опрема и да бидат обезбедени средства за дезинфекција.

Партиите и во оваа кампања меѓу граѓаните, но тврдат дека ги почитуваат протоколите

СДСМ, пред почетокот на предизборната кампања објави дека сите партиски активности ги прилагодиле на новите околности и дека групирањето е забрането, а бројот на присутни на јавни настани и средби ќе биде со строга контрола, со најмногу 50 лица на јавна локација и 30 во затворен простор, со задолжителна физичка дистанца.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за МИА, кажа дека водат целосна грижа и за сопственот и за здравјето на граѓаните кои се гости на настаните.

– Прво носењето на маска е задолжително за сите, држењето дистанца, поздравувањето со лактови или тупаница, корона поздравување како што го кажуваме сите, сите седат на дистанца,  се ограничени, мали собири, гледате ги нема големите митинзи, нагласи Заев.

Држењето дистанца, посочува, покрај носењето маска е двојна превентива, која што верува дека успеале да го остварат.

– Секако пред настан, после настан дезинфекцијата на рацете и комплетно одбегнување на секаков вид на прегрнување или сето тоа што е традиционално заради топлината на нашиот народ. Верувам дека правиме помалку потези од тоа што граѓаните вообичаено прават со своите блиски, со своите пријатели во секојдневието и верувам дека ќе успееме, изјави Заев.

Лидерот на Беса, Билал Касами, кој е во предизборна коалиција со СДСМ на овие парламентарни избори, во интервју за МИА неговата партија ја оцени како најодговорна во почитувањето на протоколите на овие специфични избори во услови на пандемија од Ковид-19.

– Можеме да ви грантираме дека Движењето Беса е најодговорната партија во однос на организирање на досегашните средби, но гарантираме дека така ќе биде и до крајот на кампањата. Ние не може да бидеме среќни дека имаше политички партии кои за да креират лажно мислење, и на штета на здравјето на граѓаните организираа големи собири, настрана од сите протоколи на Министерството за здравство. Ние досега како Движење Беса доследно сме ги почитувале сите протоколи, иако се гледа дека ваквиот начин на кампања е заморен, затоа што треба да се организират повеќе средби, отколку еден голем митинг каде ќе се соберат пет илјади граѓани, вели Касами.

Од ВМРО-ДПМНЕ, иако не излегоа со сопствени протоколи, лидерот на партијата Христијан Мицкоски во интервјуто за МИА, кажа дека не организираат митинзи и дека имаат помали собири со граѓаните согласно препораките.

– Не организираме масовно присуство, едноставно го најавуваме моето присуство и присуството на останатите кандидати за пратеници во определени места. Сега ние не можеме да ги мериме и да им велиме не доаѓајте кога тие одлучуваат да излезат и да ја дадат масовно поддршката дури и на тие мини митинзи, тие мини собири така да ги наречам, изјави Мицкоски.

Како политичари, посочи Мицкоски, треба да сме одговорни кон граѓаните, и да апелираме за почитување на мерките.

– И мислам дека досега она кое што е до нас како политичари ние тоа го правиме, односно се трудиме да ги почитуваме мерките, се трудиме да апелираме до граѓаните. Еве ја користам и оваа можност да апелирам да се почитуваат мерките, изјави Мицкоски.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, во интервјуот за МИА, вели дека имале свои двоумења за пандемијата, но по деталните анализи и објаснувања од специјалистите, не очекува последици доколку се почитуваат протоколите.

– Сигурен сум дека ако се почитуваат сите протоколи, нема да има никакви последици, а граѓаните треба да се чувствуваат безбедно затоа што се преземени сите мерки од страна на Здравствениот инспекторат и специјалистите од одредените области, порача Ахмети.

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, во интервјуто за МИА, вели дека се обидуваат да ги почитуваат мерките.

– Јас цело време кога сум на терен, носам маска, делиме маски кога имаме собири, нормално дезинфициенси итн. Дел од нашите говори е за да се запазуваат мерките. Ја искористувам можноста да им порачам на граѓаните, на денот на изборите да не се плашат, нема никаков ризик ако држат маска и држат растојание метар и пол минимум, мислам дека не постои никаков ризик. Да, ризично е, и не е така лесно и за мене. Не заборавајте дека јас не само што сум претседател на политичка партија, туку сум и татко, имам деца, имам сопруга и треба да се вратам дома, изјави Села.

Од Левица велат дека се трудат максимално да ги почитуваат одредбите коишто се од Комисијата.

– Каде што одиме организираме наши маски, наши ракавици, но имаме еден проблем што луѓето многу срдечно не примаат и буквално некогаш на улица. Некогаш се случува да има некој што ќе се приклучи, а да не ги има сите тие работи. Но, се разбира нашиот одговорен на терен веднаш пристапува. Се трудиме максимално да ги почитуваме мерките, изјави во интервју за МИА, Реџеп Исмаил, носителот на листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 2.

Од Граѓанско демократска унија (ГДУ) велат дека се трудат да ги почитуваат мерките и да не прават големи собири, а преку медиумите се трудат да стигнат до што повеќе граѓани.

– Нема човек на земјава кој да има денеска 15/20 состаноци и има средби со различни луѓе и да ме убеди во тоа дека е толку перфектен во односот на мерките. За мене тоа е лицемерно. Да, се трудиме да ги почитуваме условите, не правиме големи собири, се обидуваме да ги ограничуваме на помалку луѓе, но се обидуваме преку медиумите со нашиот искрен однос, со нашата желба да предизвикаме процес на промена преку личен пример, да им објасниме на граѓаните дека е важно да излезат на следните парламентарни избори, изјави во интервју за МИА претседателот на ГДУ Петар Колев.

Новоформираната „Твоја партија“, иако прв пат учествува на избори одлучи да се промовира пред гласачите со кампања што се води на електронските медиуми и на социјалните мрежи и не вклучува директни средби со граѓаните.

Безбедноста на граѓаните и јавното здравје зависи од сите нас, порака повторена многу пати досега и единствено нешто од чие строго почитување зависи тоа дали ќе имаме безбедна политичка кампања и избори.