Мицкоски ја сврте плочата: „Предавниците“ станаа политичари кои верувале во тоа што го прават
Освен што рече дека „предавниците“ можеби имале и добри намери, Мицкоски призна дека нема ништо од дипломатската битка и победите во Брисел, Париз, Лондон...
Многумина од луѓето што со денови протестираа пред Собранието кога се носеше Преспанскиот договор и кога ечеа обвинувањата за „предавници“ и праведни „патриоти“, вчера можеби се штипеа за образите кога го слушаа премиерот како дава нови толкувања за двата меѓународни договори кои без прекин ги оцрнуваше и со тоа деноноќно работеше за да го подели македонското ткиво.
Дали поради она што му го кажала претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во средата? Дали поради тоа што сака да им се додвори на некои гласачи пред изборите в недела? Дали поради тоа што навистина нешто се движи зад сцената за излез од европскиот ќор-сокак за Македонија, но премиерот Христијан Мицкоски драматично го омекна ставот кон креаторите на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство за Бугарија и францускиот предлог. И спрема оние кои гласаа во парламентот за промена на уставното име, меѓу кои осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои потоа експресно беа исклучени од партијата.
Само до пред неколку дена Зоран Заев, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и Бујар Османи беа големите „предавници“ на македонскиот народ. Некои од нив беа обвинувани дека со куфери изнесувале пари од државата затоа што наводно биле купени за да ги склучат договорите. Сега Мицкоски во интервју за Канал 5 ги оквалификува како политичари кои „едноставно верувале“ во она што го прават и она што го спроведувале.
Ова е еден мал коперникански прсврт за Мицкоски, кој може да трае само до денот на изборите, а потоа пак да се врати на старата „предавничка агенда“.
Откако го повтори познатиот став со изменети нијанси, дека „оваа влада нема безусловно да направи уставни измени без да имаме испорака и од страна на Бугарија и од страна на ЕУ“, Мицкоски зборуваше за политичарите кои верувале во тоа што го правеле.
„Многу политичари и не се виновни за она што го правеле во минатото. Тие едноставно верувале. Верувале во тоа што го кажуваат политичари кои доаѓаат од многу поголеми држави или ЕУ. Без притоа да водат сметка дека тие немаат никаква поврзаност со нашите проблеми, туку ова го гледаат само како еден успех или неуспех во нивната политичка кариера. А за нас е сѐ“, рече Мицкоски. Па ја споменуваше Ангела Меркел и „тешкашите“ (како што ги нарече) Федерика Могерини и Јоханес Хан.
Тој ја спомена и визијата на македонските политичари кои се од спротивниот политички табор.
„Дел од нашите политичари наивно верувале во многу работи. Можеби имале и добри намери. Не верувам дека тие секогаш биле лоши“, објаснуваше премиерот Мицкоски.
Навистина не е јасно дали навистина нешто се тркала зад сцената околу можниот пробив на блокадата. Она што и на последниот човек во Македонија веројатно конечно му стана јасно во средата е дека без уставни измени Македонија ќе стои на патот кон ЕУ и ќе ги гледа Албанија и Црна Гора како мавтаат од возот. Пораката на Фон дер Лајен: „Топката е во вашиот двор“ и дека треба да се направат уставните измени за Македонија да оди напред, беше брутална, но и отрезнувачка по 15-месечните магли што емитуваше вмровската влада.
Мицкоски во интервјуто не сакаше да кажува нешто повеќе: „Во интерес на процесите што ќе следат не би сакал да зборувам за деталите“, рече тој. Можеби навистина ќе следат „процеси“. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во соопштението за средбата со Лајен напиша и една реченица: „Претседателката изрази подготвеност за македонско-бугарски разговори по завршувањето на локалните избори“.
На почетокот од септември претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од Софија исто ги спомена локалните избори. „Разумно е Северна Македонија да добие гаранции дека нема да има нови услови на нејзиниот пат кон ЕУ по исполнувањето на постојните. Лично сум многу ангажиран во тој процес, ги посетував и Бугарија и Северна Македонија. Верувам дека по изборите во Северна Македонија можеме да напредуваме“.
Можеби оваа промена во вордингот на Мицкоски е дел од тоа напредување.
Откако повеќе месеци Мицкоски зборуваше за периметарот околу Трамп и – „победуваме во Брисел, во Берлин, во Париз, во Лондон, во Вашингтон – синоќа стави капак на таа „победничка“ еуфорија. Не напредуваме никаде. Призна дека дека ништо од предлозите што ги даваше владата не поминало – ниту за одложено дејство на уставните измени, ни за гаранциите што ги бараа од Бугарија, ниту од ЕУ. И после најавите за можни подвизи во „дипломатската битка“, тој ги приземји претходните нереални и манипулативни изјави.
„Никој од нас не живее во илузија. Тоа е условот (уставните прромени – н.з.) за почнување на преговорите. Бараме гаранции и ако ЕУ навистина ја сака во нејзино друштво Македонија барем малку ќе направи за нас како што тоа го прави за други држави“.
И ја сведе дипломатската иницијатива на речиси неуспех:
„Ние може да се обидуваме колку сакаме, ама за љубов и кафе треба најмалку двајца. Ние можеме да дадеме и милијарда предлози, но ако таму нема убава енергија бадијала ќе ги даваме тие предлози“.
Ова е навистина важна промена во наративот на Христијан Мицкоски. „Предавниците“ не биле предавници, туку верувале во тоа што го прават. Дали е тоа маслиново гранче до опозицијата или виртуелно мавтање со маслиново гранче пред луѓето од Брисел ќе се види наскоро. Можеби некое време по локалните избори и партискиот конгрес, кога Мицкоски (како што најави) ќе отишол во неколкудневна осама за да размисли за големите промени во ВМРО-ДПМНЕ и владата. Кој да си оди, кој да остане, а и кој да дојде. (Љ.П.)