Предавање на Рубенс Корубин во Чифте амам


Во Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам, в среда, во 10 часот, авторот на изложбата „Ателје, радоста на сликањето“, сликарот Рубенс Корубин ќе одржи предавање. Предавањето ќе биде извонредна можност ликовната јавност да се запознае со ликовното творештво на Рубенс Корубин преку непосредна средба со авторот, по огромниот интерес за неговата јубилејна изложба која се отвори на 8 октомври.

На изложбата која ќе биде отворена до крајот на месецот, се прикажани вкупно 80-ина дела во сопственост на авторот, дел од неговата лична колекција, работени во техника акрилик на платно, масло на платно и комбинирана техника, настанати во последните неколку години, како и постари дела, правејќи на овој начин своевиден ретроспективен пресек на неговото творештво, а во контекст на јубилејот со кој авторот одбележува седумдесет години живот и четириест и пет години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград.

Рубенс Корубин веќе долг низ на години се наоѓа во самиот врв на современото македонско сликарство. Тој работи во повеќе медиуми (сликарство, цртеж, графика, и мозаик), а неговите дела претставуваат ретки, совршени унии помеѓу темата и начинот на експресијата. Уметноста на Корубин сведочи за исклучителна способност за прикажување на едно ретко емотивно богатство, а ги поседува и сите знаци на големо сликарско мајсторство. Еден романтичен сликар, тој е уметник кој ја искажува сопствената деликатна визија и сопственото разбирање на материјалните и емотивните елементи кои го сочинуваат нашиот свет.

 

Фото: Б. Грданоски