Пред Велигден, се санираат црквите по чиј извор е именувана Општина Кисела Вода


Се реконструира дел од внатрешноста и надворешноста на црквите Св. Ѓорѓи и Св. Никита, а се санира и патот кој води до нив пред Велигден, соопштија од Општина Кисела Вода.
Денес секретарот на Општина Кисела Вода, Александар Алексовски и Зоран Ацевски, член на Советот на Општината беа во посета на една од најстарите цркви во Скопје, црквата Св. Ѓорги, лоцирана во урбаната заедница Кисела Вода.
Тие остварија работна средба со отец Ангел од кој побараа да ги информира за состојбата и потребите на црквата.
При оваа средба тие направија увид околу нејзиниот двор, ја посетија и црквата Св. Никита која се наоѓа во истиот,  со цел да ги детектираат недостатоците, за да може локалната самоуправа пред големиот христијански празник Велигден да излезе во пресрет за отстранување на проблемите кои постојат.
Во периодот што следува ќе се реконструира дел од внатрешноста и надворешноста на црквите Св. Ѓорги и Св. Никита, ќе се изврши санација на патот кој води до нив, а ќе се подобри и неговото осветлување.
Датирањето на црквата Св. Ѓорги според легендите се поврзува со времето на царот Јустинијан од почетокот на 6 век. Воедно, оваа црква е најпосетена од страна на верниците за празникот Ѓурѓовден, празник кој е патронат на Општина Кисела Вода. Во дворот на црквите постоел извор за вода по кој населението ја именувало населбата.